• среда, 25 декември 2024

Ескобар: Отворен Балкан да остане економска иницијатива фокусирана на создавање можности за луѓето од регионот

Ескобар: Отворен Балкан да остане економска иницијатива фокусирана на создавање можности за луѓето од регионот
Скопје, 8 јуни 2022 (МИА) - САД ве охрабруваат иницијативата Отворен Балкан да остане економска. Ова не е политички проект, туку е важен економски проект и битно е да остане таков и да се фокусира на создавањето можности за луѓето од регионот и на тој начин ќе имате поддршка, порача денеска во видео обраќањето во Охрид на Самитот Отворен Балкан, заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Тој најпрво потсети на неодамна одржаниот стратешки билатерален дијалог меѓу Северна Македонија и САД, каде било договорено дека САД ќе направат се што е во нивна моќ да го стабилизираат регионот и да создадат нови можности за луѓето од Западен Балкан. - САД не го гледаат Западен Балкан од гледна точка на проблемите што се случуваа во 90-те години, го гледаме преку призмата на можностите на 21 век. А можностите на Западен Балкан се огромни. Западен Балкан е благословен со одлична географска позиција, со прекрасни ресурси, но и со голем претприемачки дух и со децении луѓето од Западен Балкан ја градеа мојата земја, ја градеа Европа и поради благодарност го поддржуваме Западен Балкан, затоа што сакаме да им помогнеме на вашите луѓе да го изградат регионот, рече Ескобар. Тој истакна дека Западен Балкан има потенцијал да биде центар за обновлива енегргија што, рече, ќе ни помогне да се справиме со климатските промени. - Има капацитет да биде центар за течен природен гас и да и помогне на Европа да се ослободи од зависноста на рускиот гас, може да биде центар и за транспорт, за информатичка технологија, за туризам а на неколку начини веќе е дел од Европа што има најбрз раст, а за неколку години ќе се соочиме со економски предизвици, идејата е да се соочиме со нив заедно, и тоа да ни ги олесни работите, рече тој. Ескобар потенцира дека САД ја поддржуват иницијативата Отворен Балкан и оти нивната поддршка се заснова на неколку работи. - Прво се работи не само за регионална економска соработка, туку и за интеграција во пошироката европска структура, иако прекуграничната трговија во Западен Балкан е навистина многу важна, главните пазари се европски. Во 70 проценти од вашата трговија веќе се случува со Европа и затоа треба да биде насочено кон поголема европска интеграција. Ние ги поддржуваме сите економски иницијативи што го зближуваат регионот и кои промовираат мир и стабилност меѓу земјите од Западен Балкан, рече тој. Ескобар нагласи дека САД веруваат оти со цел ова да биде успешно, треба да биде отворено за сите и оти секоја иницијатива за економска интеграција треба да ги вклучува сите шест земји од Западен Балкан на еднакво ниво. - Ова е прекрасна иницијатива што доаѓа во многу важно време низ историјата и за развој на Западен Балкан. Се надевам дека ќе стане појасно за тоа како би требало да функционира во иднина и затоа имаме неколку препораки за нашите пријатели. Прво, како што споменав има многу можности и иницијативи за интеграција. Затоа ги охрабрувам лидерите на оваа иницијатива да побараат начини за конкретно да го усогласат Отворен Балкан со сите други иницијативи што функционираат во регионот, рече тој. Тој додаде дека САД го охрабруваат и планот за инстиуционален развој на Западен Балкан. - Може да има и конкуретни предности со создавање поголема предвидливост за инвеститорите, но најважно создавање можност и институционален развој за институциите што треба да го намалат шверцувањето и избегнувањето плаќање даноци, затоа што потребна ни е економија што ќе им помогне на инвеститорите кои сакаат да работат законски. Исто така ги охрабрувам лидерите на оваа иницијатива да се вклучат повеќе и да внесат повеќе засегнати страни, да се ангажираат отворено со стопанските комори во регионот. Но потребно е да се слушне нивниот глас, затоа што тој е важен во формирањето на политиките и институциите на иницијативата Отворен Балкан, заклучи во своето обраќање заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Ескобар. Подоцна лидерите на земјите учеснички на самитот, предвидено е да потпишаат договор за соработка и меѓусебно признавање дипломи и научни оценки издадени во високообразовни установи и други овластени институции и меморандуми за разбирање за соработка во областите туризам, култура и даночна администрација во Западен Балкан. нд/ац/  

Остани поврзан