• сабота, 21 декември 2024

Ескобар: ЗСО веднаш да се имплементира, европскиот предлог не значи меѓусебно признавање

Ескобар: ЗСО веднаш да се имплементира, европскиот предлог не значи меѓусебно признавање

Брисел, 28 февруари 2023 (МИА) - Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави дека Заедницата на српските општини треба веднаш да се имплементира, како што е договорено. Toj во аудио интервју од Брисел рече дека европскиот предлог за Косово не е за меѓусебно признавање, туку за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, јави РТС. 

- Важно е односите во регионот да бидат здрави и да се избегнат настаните од деведесеттите, а соодветно на тоа сите земји од регионот треба да се признаат и да имаат позитивни односи, додаде Ескобар.

- Формирањето на ЗСО е законска обврска која мора да се спроведе. Заклучокот на Европскиот совет е дека тоа мора да се направи, а тоа е и дел од американската политика. Очекуваме да се формира и се што е договорено. Двете страни мора да најдат канали за соработка и очекуваме да се формира, рече Ескобар на прашањето на новинарите да објасни што сакал да каже дека ако Приштина не ја формира ЗСО, тоа ќе го направат САД.

Како што рече, кога зборувате за ЗСО, мислите на општини во кои Србите се мнозинство и одреден степен на самоуправување што нема да се меша во уставниот поредок и правните структури.

- Би сакале тие заедници да се обединат и да работат заедно за да изнајдат економски решенија за доброто на српските заедници. Нема ништо страшно во тоа, рече Ескобар.

Како што рече, она за што вчера се договориле двете страни ги поставува условите за воспоставување на нормализација.

- Искрено, има пречки, но се надевам дека ќе се најде механизам да се спроведе сето тоа, а тоа го вклучува и ЗСО, но и несогласувања како што се регистарски таблички, лични карти и други работи, додаде Ескобар.

Според него, важно е да се тргне од гледна точка дека двете страни добронамерно влегле во дискусијата, пренесува РТС.

- Значи, нашите очекувања се дека не сакаме да користиме „моркови и стапови“ за да ги поттикнеме да продолжат понатаму. Целта е двете страни да имаат мирен и предвидлив однос, но тоа отвора се повеќе врати за двете страни и интеграцијата за ЕУ ​​и трансатлантските интеграции. Се надеваме дека страните ќе ги исполнат своите обврски, рече Ескобар. ссм/

Остани поврзан