• понеделник, 16 декември 2024

Ескалира пожарот во Мариово, заседаваше кризниот штаб во Прилеп

Ескалира пожарот во Мариово, заседаваше кризниот штаб во Прилеп

Прилеп, 3 септември 2024 (МИА) - Поради силниот ветер  ескалираше пожарот во Мариово кој има веќе опфатено огнена линија долга повеќе од 20 километри и потребни се повеќе човечки ресурси и воздушна поддршка за гаснење на огнената стихија која е активна веќе четири дена и ги опфаќа мариовските села, беше констатирано на вечерашната седница на општинскиот кризен штаб во Прилеп на која присуствуваше и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. Поради ветерот, безуспешни биле обидите да се гасне од воздух.

-Поради силниот ветер, пожарот есклаира. Линијата на огнот е подолга од 20 километри. Во текот на денот се обидовме да вклучиме хеликоптер и ЕР трактор на ДЗС, но поради високиот чад, не беше безбедно нивното летање над пожарот, поради што ги повлековме. Вечерва доаѓа до уште поголема ескалација. Пожарот се движи во насока на неколку села: Бонче, Крушевица, Пештани, Дуње и Кален, изјави директорот на ЦУК, Ангелов.

Во гаснењето ќе учествуваат околу 200 професионалци. За рано наутро се договорени повеќе мерки, меѓу другото: ќе бидат вклучени 70 припадници на АРМ, 25 припадници на специјалната полиција,  40 вработени во ЈП „Национални шуми“  и повеќе од 60 пожарникари од повеќе градови. На терен ќе има вкупно 195 лица, припадници на АРМ, пожарникари, од специјалната полиција. Засега нема потреба од ангажирање доброволци. Покрај прилепските се ангажирани и пожарникари од Кавадарци, Охрид, Битола, Ресен, Новаци, од Могила, Кочани, Радовиш, Свети Николе, Струмица и од Штип.

-Ако има потреба, ќе се повикаат изутрина други пожарникари. На располагање се пожарникарите и од другите градови. Нема потреба од паника кај граѓаните. Во овој момент претежно гори нискостеблеста шума, пожарот дури вечерва влезе во борова шума и мислам дека ширењеето ќе биде благовремено спречено. Оптимист сум дека во текот на денот, пожарот ќе биде ставен под контрола. Но, постои проблем поради густиот чад да не може да биде во функција воздушната поддршка. Затоа понудивме и механизација, булдожери и багери. Не е во опасност ниту еден објект, ниту манастирот „Свети Илија“ како што се споменува, изјави Ангелов.

Ирена Стерјоска Локвенец, началник на прилепскиот кризен штаб ги уверува прилепчани да не паничат и да знаат дека воздушната поддршка за гаснење на огнената стихија ќе полета од платото на „Могилата“ во Прилеп.

-Со воздушната поддршка која ќе стартува уште од 6 часот изутрината се надеваме дека многу ќе помогне да го ставиме под контрола овој пожар. Граѓаните да не се вознемируваат што ќе се полетува од платото од „Могилата“ во Прилеп. Пожарот од градот вечерва се гледаше, стравуваме дека се приближува кон селото Волково. Ориентирани сме да обезбедиме стручни екипи и голема благодарност што во пресрет ни излегуваат градоначалниците и екипите од многу градови, рече Стерјоска Локвенец.ем/лв/

Фото извор МИА

Остани поврзан