• понеделник, 23 декември 2024

Ердоган: Анкара ќе им помогне на сириските бегалци да се вратат во својата земја

Ердоган: Анкара ќе им помогне на сириските бегалци да се вратат во својата земја
Москва, 5 март 2020 (МИА) - Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин денеска во Москва по повеќечасовни разговори постигнаа договор за решавање на кризата во сириската провинција Идлиб. На заедничката прес-конференција Ердоган вети дека Анкара „ќе им помогне на сириските бегалци да се вратат во својата татковина“. Истовремено, Ердоган истакна дека Турција го задржува правото да одговори на евентуални дејствија на сириските воени сили. - Турција го задржува правото да одговори на каков било напад од страна на режимот (на сирискиот претседател Башар ал Асад) со свои сили, нагласи турскиот лидер. Москва и Анкара постигнаа денеска договор да создадат безбедносен коридор во провинцијата Идлиб, во реонот на сирискиот автопат М4. – Страните се согласија да создадат заштитен коридор шест километри северно и шест километри јужно од автопатот М4. Конкретните параметри за функционирањето на безбедносниот коридор ќе ги договорат министерствата за одбрана на Руската Федерација и на Турција во рок од седум дена, се наведува во соопштението. Од 15 март Русија и Турција ќе започнат заедничко патролирање низ автопатот М4 во Сирија од населбата Тромба до селото Аин ал-Хабр. Русија и Турција ја изразија својата подготвеност да се борат со сите појави на тероризам. - Изразивме неопходност да се почитуваат принципите на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија. Исто така, убедени сме дека не треба да дозволиме ослабнување на борбата против меѓународниот тероризам, додаде рускиот претседател Владимир Путин. Борбите во сириската провинција Идлиб е договорено да прекинат денеска на полноќ. На крајот Путин му заблагодарил на Ердоган за посетата, нарекувајќи ги разговорите за Сирија „тешки“, но нагласи дека тие завршиле позитивно. - Сакам да му се заблагодарам на господинот Ердоган што дојде денеска во Москва и го потврди нивото на нашите односи. Сакам да им се заблагодарам на сите турски колеги за напорната, тешка, но конструктивна работа, која заврши, според мое мислење, со позитивен резултат, додаде рускиот лидер. гт/

Остани поврзан