• понеделник, 23 декември 2024

Ердоган: Турција и Шпанија почнаа да работат на заедничко производство на нов амфибиски воен брод

Ердоган: Турција и Шпанија почнаа да работат на заедничко производство на нов амфибиски воен брод

Анкара, 13 јуни 2024 (МИА) - Турција и Шпанија почнаа да работат на заедничко производство на нов амфибиски воен брод, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на заедничката прес-конференција во Мадрид со шпанскиот премиер Педро Санчез, пренесуваат турските медиуми.

-Двете земји би можеле да соработуваат и во производството на беспилотни авиони и подморници без екипаж, рече Ердоган.

Турција, како што додаде тој, сака да го изгради својот втор амфибиски брод по „TCG Anadolu“ во соработка со Шпанија.

Ердоган истакна дека „Шпанија ја поддржува колективната безбедност и на Турција како сојузник и на НАТО со системите за противвоздушна одбрана распоредени во земјата од 2015 година“.

-Со денешната средба и договорите што ги потпишавме, направивме важни чекори кон проширување на нашите односи во нови области. На пат сме да ја достигнеме нашата трговска цел од 20 милијарди евра. Нашата следна цел е да достигнеме 25 милијарди евра во следните пет години. Сметаме дека инвестициите на повеќе од 740 шпански компании во Турција се знак на доверба во Турција. Би сакале да видиме повеќе шпански инвеститори во нашата земја, рече Ердоган.

На прес-конференцијата во Мадрид, Ердоган се осврна и на прашањето поврзано со конфликтот во Појасот Газа.

-САД, како членка на Советот за безбедност на ОН и западните земји треба да извршат притисок врз Израел да ја спроведе резолуцијата на Советот за безбедност за прекин на огнот во Газа, изјави шефот на турската држава. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан