• понеделник, 23 декември 2024

ЕП го отфрли буџетот на Советот на ЕУ за 2025 година, почнуваат нови преговори

ЕП го отфрли буџетот на Советот на ЕУ за 2025 година, почнуваат нови преговори

Стразбур, 23 октомври 2024 (МИА) -Европскиот парламент изненадувачки ја отфрли резолуцијата за внесување измени во позицијата на Советот на ЕУ за буџетот на Унијата за следната година. Гласањето се одржа денеска во рамките на овонеделната пленарна сесија на ЕП во Стразбур.

Преговорите ќе продолжат, а еден од известителите на Европскиот парламент по ова прашање, Виктор Негреску од групата на Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите, изрази надеж дека ќе се постигне компромис следниот месец. Резолуцијата веќе беше изгласана со големо мнозинство во комисијата за буџет на Европарламентот, потсети Негреску, кој е и заменик-претседател на ЕП, на прес-конференција свикана по неочекуваниот резултат од гласањето.

Романскиот социјалдемократ ја обвини најголемата група во Европарламентот, конзервативната Европска народна партија (ЕПП), за одбивањето на текстот. Резултатот од гласањето е „неуспех за проевропската коалиција“, нагласи Негреску, но додаде дека останува конструктивен.

Од либералната група „Обнови Европа“ објавија соопштение во кое исто така ја обвинуваат ЕПП за неочекуваниот резултат од гласањето, тврдејќи дека се здружиле со крајната десница.

Негреску ја потврди својата поддршка за зголемување на средствата за младински програми како „Еразмус“, земјоделството, борбата против природни катастрофи и заштитата на надворешните граници на ЕУ.

- Ни треба буџет што ќе ги зачува нашите амбиции, заклучи Негреску на прес-конференцијата и изрази надеж дека сепак ќе биде постигнат компромис.

Гласањето го означува почетокот на тринеделните преговори „за помирување“ со Советот на ЕУ со цел постигнување договор, кој потоа треба да биде одобрен од Европскиот парламент и потпишан од претседателите на двете институции.

За време на вчерашната дебата, јасно се виде дека Европскиот парламент и Советот на ЕУ имаат различни ставови за буџетот на Унијата за следната година.

Виктор Негреску истакна дека главна цел е зачувување на благосостојбата на граѓаните на ЕУ. За таа цел, во сегашниот период на економски предизвици, потребно е да инвестираме во нашата конкурентност, како што предложи во својот извештај поранешниот претседател на Европската централна банка Марио Драги, истакна Негреску, кој е заменик-претседател на Европарламентот. Наместо тоа, предупреди романскиот социјалдемократ, Советот на ЕУ предлага строги мерки за штедење.

Од страна на унгарското ротирачко претседателство на Советот на ЕУ, државниот секретар задолжен за преговорите за буџетот, Петер Банаи, изјави дека Советот споделува многу од приоритетите на Европскиот парламент, но нагласи дека времињата се тешки. - Мораме да бидеме подготвени за непредвидени ситуации и кризи и да оставиме резерви, истакна претставникот на унгарската влада, бранејќи ја преговарачката позиција на Советот.

Европскиот комесар за буџет и администрација, Јоханес Хан, ги нотираше разликите во ставовите на Европскиот парламент и Советот на ЕУ. - Но, уверени сме дека преговорите ќе продолжат во позитивен дух и дека двете страни ќе постигнат компромис во разумен рок, додаде тој, претставувајќи ја Европската комисија на дебатите.

Буџетската постапка за 2025 година е првата целосна постапка според ревидираната Многугодишна финансиска рамка за периодот 2021-2027 година, покажува извештајот на Европскиот парламент.

На 12 јули Европската комисија го одобри предлог-буџетот за следната година, кој предвидува расходи од 199,7 милијарди евра (1,08 проценти од бруто-националниот производ на ЕУ) и вкупни плаќања од 152,7 милијарди евра (0,83 проценти од БНП), вклучително и посебни инструменти.

На 13 март Европскиот парламент ги одобри своите насоки за буџетот за 2025 година, повикувајќи приоритет да бидат луѓето. Советот на ЕУ ја усвои својата позиција на 13 септември, предлагајќи намалување на обврските за 1,52 милијарди евра, а плаќањата за 876 милиони евра.

На 10 октомври Европската комисија ги објави своите ревидирани предлози. Тие предвидуваат намалување на обврските за 303 милиони евра, но зголемување на плаќањата за повеќе од 2,6 милијарди евра.

Европскиот парламент бара буџет насочен кон подобрување на животот на луѓето, зголемување на конкурентноста и справување со актуелните предизвици, се вели во соопштение од институцијата. Европратениците го утврдија вкупниот износ на предвидените расходи на речиси 201 милијарда евра - за 1,24 милијарди евра повеќе од предлогот на Европската комисија. Тие исто така ги отфрлија предложените намалувања на финансирањето од Советот од 1,52 милијарди евра и ги утврдија плаќањата на 153,5 милијарди евра - за околу 800 милиони евра повеќе од сумата предвидена од ЕК.

Над 90 проценти од буџетот на ЕУ финансира активности во државите-членки и надвор од нив, од кои користат граѓани, региони, земјоделци, истражувачи, студенти, невладини организации и компании. За разлика од националните буџети на земјите-членки, буџетот на ЕУ е насочен главно кон инвестиции за да генерира економски раст и можности низ целата унија, се наведува во соопштението на Европарламентот.

Во ЕУ членуваат 27 држави со вкупно население од 450 милиони луѓе. Имајќи ги предвид овие бројки, годишниот буџет на ЕУ всушност е релативно мал - просечно 160-180 милијарди евра годишно во периодот 2021-2027 година. Ова е споредливо со националниот буџет на Данска, која има околу 5,6 милиони жители, и е за околу 30 проценти помал од буџетот на Полска, која има 38 милиони жители. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан