• сабота, 23 ноември 2024

ЕПИ викендов во Тирана ќе ги презентира клучните препораки за пристап на земјите од Западен Балкан до единствениот европски пазар

ЕПИ викендов во Тирана ќе ги презентира клучните препораки за пристап на земјите од Западен Балкан до единствениот европски пазар

Скопје, 12 октомври 2023 (МИА) – Институтот за европска политика (ЕПИ), како водечка организација за тематските работни групи за пристап до единствениот европски пазар, викендов во Тирана ќе ги презентира клучните препораки и заклучоци од работните групи одржани со невладините организации и експертите од целиот регион, на Форумот за граѓански организации и тинк-тенк организации во рамки на Берлинскиот процес.

Дел од препораките од овој Форум, ќе бидат претставени на Самитот на Берлинскиот процес, кој в понеделник ќе се одржи исто така во Тирана. 

-Ќе препорачаме дека е потребна подобра и поголема понуда од Европската Унија за рана интеграција на регионот во ЕУ, а на нашите власти дека е потребна посериозна посветеност кон реформите за пристапување кон ЕУ. Воедно ќе препорачаме да бидат вклучени и недржавни актери – приватниот и граѓанскиот сектор како извор за идеи, но и за мониторирање на процесот за исполнување на овие препораки, изјави Стефан Ристовски од ЕПИ на денешната средба со новинарите.

Очекуваат, како што рече, овие препораки, како и препораките од другите тематски групи да бидат земени предвид и да бидат инкорпорирани.

Нашите препораки, додаде, одат во насока на институциите на ЕУ, но и во насока на домашните институции.

-ЕПИ ја организираше Тематската работна група – Пристап до внатрешниот пазар на ЕУ како една од седумте тематски групи во рамки на Форумот за граѓански организации и тинк-тенк организации во рамки на Берлинскиот процес кој викендов ќе се случува во Тирана во очи на Самитот на лидери, кој е закажан за понеделник, исто така во Тирана. Нашата главна тема на дискусија беше подглавјето Економска интеграција на Западен Балкан во Европската Унија. Разговаравме за повеќе области како што се пристап до единствениот пазар, користење на европските фондови што сега ни се на располагање и во делот на повеќе средства за регионот, но и како учество во рамката за економска координација помеѓу земјите-членки на ЕУ. Викендов ќе ги презентираме препораките кои ќе одат во насока на поголема интеграција и повеќе бенефиции за регионот кој ЕУ може да ги понуди за земјите од Западен Балкан, појасни Ристовски.

Работната група за пристап до единствениот европски пазар ги истражува моделите за економска интеграција на Западен Балкан во ЕУ, а дискусијата особено е фокусирана на три клучни области: учество во Европскиот семестар, пристап до европските фондови и пристап до единствениот европски пазар.вј/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан