• вторник, 24 декември 2024

Ендуро Тим Делчево ја организираше првата off road брзинска трка на Голак

Ендуро Тим Делчево ја организираше првата off road брзинска трка на Голак
Делчево, 6 ноември 2021 (МИА) - На планината Голак денеска се одржа првата off road брзинска трка. Се возеа околу четири километри низ букова шума, а учествуваа љубители на off road и мото-крос здруженија од повеќе градови во државата. Настанот го организираше мото-клубот „Ендуро Тим“ од Делчево. -Во трката учествуваа возачи на џипови, мото кросови и АТВ возила. Рутата е долга околу четири километри низ прекрасна букова шума, а натпреварите се одвиваат во три категории: мото кросови, џипови и АТВ возила. Како за прв пат, задоволни сме од организацијата. Имаме многу посетители и се надеваме дека овој ден треба да прерасне во традиција, истакна претседателот на клубот, Виктор Стојановски. Задоволни од организацијата беа и најголем дел од учесниците, кои велат дека тренингот игра клучна улога за добар настап на ваквите настани. -Настанот е многу добар, добра стаза добра дружба, другото се гледа према луѓето колку е посетено. Настапувам со кавасаки КX 250. Инаку со ова се занимавам долги години. За да се учествува на ваков настан е потребно добро возило и добар тренинг, без тренинг ништо не може да се постигне. На организаторите им посакувам догодина уште поубаво да биде, истакна учесник од Велес. Најмладиот учесник на настанот со својот велосипед настапи со свои 9 години, а љубовта кон овој спорт му ја всадил неговиот родител Тошо Стојчев, кој повеќе пати има освоено први места на вакви настани ширум државата. -Денес на Голак настапувам во две категории, со џип и со четирицикл. За ова хоби, но и спорт пред се најважно е да имаш добра опрема, љубов спрема спортот и волја. Од настанот во Делчево сме задоволни, добро испадна, истакна Стојчев. Порака до организаторите да продолжат вака и наредната година, упатија и учесници од Кочани. -Ние сме вљубеници во мото кросот од Кочани, а со овој спорт се занимаваме пред се поради адреналинот. За да се учествува е потребно доволно искуство, тренинзи и добро возило, рекоа кочанчани. За најдобрите во своите категории организаторот обезбеди благодарници и пехари како и медали - награда за најдобро постигнатото време на натпреварот. вс/мч/

Остани поврзан