• среда, 25 декември 2024

Елена Манчева за МИА: Дигиталната агенда граѓаните не ја препознаваат, иако секојдневно прават нешто поврзано со неа

Елена Манчева за МИА: Дигиталната агенда граѓаните не ја препознаваат, иако секојдневно прават нешто поврзано со неа
Скопје, 16 октомври 2021 (МИА) - Дигиталната агенда граѓаните не ја препознаваат под ова име, иако секојдневно имаат некаков контакт, прават нешто поврзано со неа. На пример, имаме е-Рецепт, Mој – ДДВ, Регистарот на население, портал за отворени податоци (www.data.gov.mk), додека на Националниот портал за е-услуги (www.uslugi.gov.mk) со информации за околу 800 услуги од кои 155 електронски, до сега се имаат регистрирано над 56 000  корисници. Со имплементација на Дигиталната агенда граѓаните ќе знаат, умеат и можат да остварат што повеќе услуги од државата електронски (он-лајн), а притоа ќе бидат сигурни дека нивните лични податоци се заштитени, вели во интервју за МИА државената секретарка во Министерство за информатичко општество и администрација Елена Манчева. Што се однесува до усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ, Мачева вели дека во однос на Поглавје 10 - Информатичко општество и медиуми, целосно и делумно сме усогласени со околу 77 мерки, што е приближно 50 отсто. Во продолжение може да го прочитате целото интервју: Дигиталната агенда е еден од основните столбови на програмата за Заеднички регионален пазар, договорен во рамки на Берлинскиот процес. Која е нејзината функција во овој процес и која е крајната цел? Берлинскиот процес е започнат во 2014 година од страна на германската Влада, со цел забрзување на процесот на интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Фокусот на Берлинскиот процес е на регионална соработка, со цел конкретни придобивки за луѓето во регионот. Дигиталната интеграција, заедно со инвестиции, трговија и мобилност е еден од четирите столбови на повеќегодишниот Акциски план за регионална економска област во регионот на Западен Балкан, кој лидерите на економиите од Западен Балкан го прифатија на Самитот во Трст, одржан на 12 јули 2017. На самитот на Берлинскиот процес одржан на 10 ноември 2020 година во Софија, прифатен е новиот Акциски план за Заеднички регионален пазар за периодот од 2021 до 2024 година. Изготвувањето на двата документи беше координирано од РСС и беше поддржано од Европската комисија. Целта на овие планови е да овозможи непречен проток на добра, услуги, капитал и високостручен персонал, со што регионот ќе стане попривлечен за инвестиции и трговија и ќе се забрза конвергенцијата со ЕУ, носејќи просперитет за граѓаните од економиите на Западен Балкан. Секој од столбовите има своја улога. И додека столбот трговија предвидува активности за слободно движење на добра, услуги, капитал и луѓе; столбот за инвестиции е задолжен за усогласување на инвестициските политики со стандардите на ЕУ и промовирање на регионот; дигиталната интеграција како столб треба да ни овозможи да се интегрираме во паневропскиот дигитален пазар. Крајната цел на Дигиталната агенда, меѓу другото, е да ги зголеми и унапреди дигиталните вештини кај граѓаните и да обезбеди квалификувани лица стручни во областа на дигитализацијата, да обезбеди безбедни и одржливи дигитални инфраструктури, дигитална трансформација на бизнисите, како и дигитализација на јавните сервиси. На овој начин, на бизнисите и на граѓаните ќе им се овозможат повеќе дигитални можности, ќе се гради отпорноста на секое ниво и секојдневниот живот значително ќе се олесни. Силно верувам дека само на овој начин, со заедничка работа, соработка и подадена рака ќе изградиме поубаво место за живеење за сите граѓани од регионот. Што е досега постигнато, кои се конкретните придобивки од овој процес што граѓаните може да ги видат? Самиот Берлински процес е регионален процес. Тој му даде моќ на нашиот регион, ни помогна да ја забрзаме дигиталната трансформација, да се натпреваруваме едни со други, но и да подадеме рака кога и каде е потребно. Ни даде нова енергија, порив за нови остварувања (на ниво на економии/земји) и можност да се поддржуваме и да сфатиме дека навистина сме посилни заедно. Најважна и најпрепознатлива регионална придобивка од овој процес е Договорот за регионален роаминг, чија идеја започна на Дигиталниот самит во Скопје, продолжи со потпишување на договор на самитот во Белград, за да пред самитот во Подгорица ја маркираме оваа активност како успешно завршена. Со „роаминг како дома“, на граѓаните им овозможивме да разговараат или да пребаруваат на Интернет од нивните мобилни телефони без дополнителни трошоци кога патуваат во некоја од шесте земји на Западен Балкан. Следен чекор, кој е особено важен за граѓаните е намалување на цените во роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан. На Дигиталниот самит на Западен Балкан во Подгорица бевте најавена како дигитален амбасадор на Северна Македонија, па би сакале да ни кажете што точно преставува дигиталната агенда? Дигиталната агенда граѓаните не ја препознаваат под ова име, иако секојдневно имаат некаков контакт, прават нешто поврзано со неа. На пример, повеќе нема потреба од одење на лекар по рецепт, бидејќи имаме е-Рецепт. За скенирањето на фискална сметка (мој – ДДВ) пак, на одредена група граѓани им треба помош, односно вештини. На децата им требаат друг вид на дигитални вештини во училиште, на младите кои како работна сила се промовираат на пазарот на трудот, трети. Освен дигитални вештини, на граѓаните им требаат и информации, обуки и запознавање со користењето и споделувањето на личните податоци, како и знаење и вештини како безбедно да го прават тоа. И за се од ова, потребен е Интернет, поврзани училишта, домаќинства, градови и села. Со имплементација на Дигиталната агенда граѓаните ќе знаат, умеат и можат да остварат што повеќе услуги од државата електронски (он-лајн), а притоа ќе бидат сигурни дека нивните лични податоци се заштитени. За имплементацијата на Дигиталната агенда, како Влада и инистерство, во изминативе неколку години, имавме мошне значајни проекти и подвизи. Еден од позначајните такви кој веќе на сите им е добро познат е Националниот портал за е-услуги (www.uslugi.gov.mk) со информации за околу 800 услуги од кои 155 електронски, а до сега на него се имаат регистрирано над 56 000  корисници. Во екот на пандемијата, токму на Националниот портал за е-услуги електронски се издаваа дозволите за движење, а младите лица можеа да аплицираат за ваучери за дигитални вештини. Со проектот ИПА 2017 „Подобрување на е-влада“, кој започна во август 2020 година, треба да се зголеми бројот на електронски услуги за граѓаните и бизнисите, да се подобри нивната испорака и квалитет и да се дигитализираат голем број основни регистри потребни за е-услугите. Паралелно со Националниот портал за е-услуги, почна да функционира и Регистарот на население, а имавме и други, нови портали, за отворени податоци (www.data.gov.mk), и нов портал на ЕНЕР (www.ener.gov.mk). Дополнително, отворени се канцеларии - Една точка за услуги во повеќе градови низ земјата, во кои граѓаните можат да добијат повеќе услуги на едно место. И што се однесува до усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ (acquis communautaire), во однос на Поглавје 10 - Информатичко општество и медиуми, целосно и делумно сме усогласени со околу 77 мерки, што е приближно 50% и е одличен процент. Од друга страна пак, бележиме и напредок во однос на сајбер-безбедноста. Особено ме радува и кога не само национално, туку и глобално ќе се препознае и вреднува трудот во одредена област. Според Националниот индекс за сајбер-безбедност кој го објавува естонската Академија за е-управување, Република Северна Македонија во последниве две години бележи значителен подем од речиси 20 места. Додека претходните години нашата земја се наоѓаше помеѓу 70 и 60 место на глобалното рангирање, оваа година Северна Македонија се искачи на 45 место, со што се бележи голем напредок во оваа област. На Дигиталниот самит во Подгорица акцентот беше ставен на дигиталниот идентитет, слободниот проток на информации, широкопојасен интернет за домаќинствата... Што и кога може да очекуваат граѓаните од овој процес? Во следните неколку години, регионални приоритети ќе се дадат на воочените потреби за корисни прекугранични и гранични услуги достапни за бизнисите и граѓаните од Западен Балкан. Ќе се стремиме да обезбедиме широк спектар на корисни прекугранични/гранични услуги достапни за бизнисите и граѓаните од Западен Балкан; заемно признати електронски идентификации (eID) и Доверливи услуги; јавни (и приватни) услуги достапни преку заемно признати шеми за електронска идентификација (eID); ќе се осигуриме дека сите јавни субјекти ќе ги прифатат квалификуваните eIDAS електронски потписи. Понатаму, јавните и приватните субјекти, како и физичките лица ќе можат лесно да потпишат и валидираат електронски потписи на документи, вклучително и прекугранични/гранични документи; ќе имаме оперативни и меѓусебно поврзани платформи за интероперабилност имплементирани на ниво на економија; и ќе се обезбеди широка употреба на принципот „само еднаш“. Со сево ова, ќе го забрзаме патот на Западен Балкан кон дигиталната трансформација, преку континуирана регионална соработка, од која сите ќе имаме долгорочни придобивки. Александар Атанасов

Остани поврзан