• вторник, 24 декември 2024

Електродистрибуција ќе има обврска најмалку еднаш на три месеци да ги чита струјомерите

Електродистрибуција ќе има обврска најмалку еднаш на три месеци да ги чита струјомерите
Скопје, 14 јуни 2022 (МИА) - Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ќе предложи измени на правилата за снабдување со електрична енергија со кои Електродистрибуција ќе биде обврзана најмалку квартално, односно еднаш на три месеци да ги чита броилата на потрошувачите на електрична енергија наместо еднаш годишно, како што е сега. Ова е договорено на денешната средба меѓу претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски и народниот правобранител, Насер Зибери што се одржа во просториите на Народниот правобранител на барање на омбудсманот. - Повод за денешната средба е нашата иницијатива за начинот на отчитување на мерните единици кои беа причина за голем број на претставки изминатата година, а кои Народниот правобранител ги констатираше дека граѓаните се жалат на паушално фактурирани сметки за потрошена електрична енергија и неможноста истите да се плаќаат. Затоа покренавме иницијатива да ја видиме регулативата како тоа прашање е уредено и дали во таа насока може да се подобри состојбата за да може на граѓаните да им се олесни товарот кој им доаѓа како резултат на плаќање на сметките за потрошена струја, изјави Зибери по средбата. Тој нагласи дека за оваа тема се одржаа две средби со РКЕ на кои, како што кажа, им било укажано дека операторот е должен најмалку еднаш годишно да ги отчитува струјомерите за што сметаат дека често пати претставува товар кој особено се појави како проблем при крајот на 2021 година кога дојде до зголемување на цената на електричната енергија. До омбудсманот во тој период пристигнале околу 90 поплаки. За тоа имало и реакции од здруженијата на граѓани кои се занимаваат со заштита на правата на потрошувачите, а и РКЕ упатила апел до граѓаните да поднесуваат приговори за сметките што ги добиле во тој период. - Во разговорите со РКЕ дојдовме до заеднички став дека правилата треба да претрпат промени во овој дел и да стане обврска операторот да ги отчитува броилата најмалку квартално што значи четирипати во годината, а по потреба и почесто. Сметаме дека тоа ќе придонесе граѓаните да не добиваат постојано фактурирани сметки без увид во реалната состојба на струјомерите и реалната потрошена електрична енергија, потенцира Зибери. Бислимоски денешниот настан го оцени како одличен пример на соработка на две независни институции за олеснување на проблемите на граѓаните. - РКЕ пристапи кон измена на правилата за снабдување со електрична енергија со што операторот на дистрибутивниот систем - Електродистрибуција најмалку четири пати во текот на годината да ги отчитува броилата со дополнителна препорака особено редовно тоа да го прави во текот на зимските месеци кога имаме и најголем број на поплаки пред се поради тоа што граѓаните ја користат електричната енергија за загревање. Во таа насока се и останатите измени кои ги правиме на тарифниот систем со воведувањето на блоковите кои предвидуваат блоковите да не бидат фиксни, туку да зависат од бројот на денови на отчитување на броилата, прецизира Бислимоски и додаде дека граѓаните од тој аспект ќе бидат безбедни. Најави дека ќе се разгледа и можноста да им се олесни плаќањето на граѓаните на сметките за струја за да имаат рамномерни трошоци во текот на целата година преку тоа што ќе им дадат можност вкупно потрошената струја за една година да ја плаќаат на 12 еднакви рати, односно по иста сума месечно наместо да имаат пикови во текот на зимската сезона кога висината на сметките е најголема. - Врз основа на трошоци кои биле во претходната година доколку сакаат граѓаните за следната година трошокот од претходната ќе може да им се подели на подеднакви 12 месечни рати. Тоа е со една единствена цел да има рамномерен и предвидлив трошок во текот на целата година, истакна Бислимоски и посочи дека за тоа ќе биде отворена дебата и ќе има состаноци со Електродистрибуција за да нема пикови кога граѓаните се греат на струја, а во летните месеци да доаѓаат ниски сметки. вј/сп/

Остани поврзан