• четврток, 26 декември 2024

ЕК ја најави иницијативата „Амалтеа“ за отворање хуманитарен поморски коридор до Газа 

ЕК ја најави иницијативата „Амалтеа“ за отворање хуманитарен поморски коридор до Газа 

Брисел, 8 март 2024 (МИА) – Европската комисија денеска соопшти дека заедно со Велика Британија, Германија, Грција, Италија, Кипар, Обединетите Арапски Емирати, САД и Холандија објавува намера за отворање поморски коридор за испорака на многу потребната дополнителна хуманитарна помош за Газа по морски пат, во услови кога хуманитарната ситуација во Појасот е „страшна и невини палестински семејства и деца се очајни по основните потреби“.  

- Затоа нашите нации имаат намера да го надградат моделот за доставување значителна дополнителна помош по морски пат, работејќи во координација со високиот координатор на ОН за хуманитарна помош и обнова за Газа, Сигрид Кааг, која е задолжен за олеснување, координирање, следење и верификација на протокот на помош до Газа според Резолуцијата 2720 на Советот за безбедност на ОН, информира ЕК. 

За таа цел се воспоставува Иницијативата „Амалтеа“, како механизам за безбедно испраќање помош од Кипар до Газа по морски пат, која ќе овозможи реализација на заедничките напори за воспоставување на поморски коридор. Притоа, ЕК ги поздравува посветените напори на ОАЕ за поддршка на „Амалтеа“, со што ќе се овозможи првична испорака на храна по морски пат до луѓето во Газа. 

- Кипар наскоро ќе свика средба на високи претставници за да разговараат за тоа како можеме да го забрзаме овој поморски канал за поддршка на оние на кои им е таа потребна, дополнувајќи ги копнените и воздушните рути, вклучително и оние од Египет и Јордан. САД најавија итна мисија предводена од американската војска во координација со хуманитарните партнери и други земји, за воспоставување привремено пристаниште во Газа за да се овозможи испорака на значителни количества помош по морски пат. Овие напори ќе бидат тесно координирани со Владата на Израел, се додава во соопштението. 

Еврокомисијата посочува дека испораката на хуманитарна помош директно до Газа по морски пат ќе биде сложена, па затоа земјите вклучени во иницијативата ќе продолжат да ги оценуваат и прилагодуваат своите напори за да обезбедат што е можно поефикасна испорака на помошта.  

- Овој поморски коридор може и мора да биде дел од постојаните напори за зголемување на протокот на хуманитарна помош и комерцијални стоки во Газа преку сите можни рути. Ќе продолжиме да работиме со Израел за да ги прошириме испораките по копно, инсистирајќи на овозможување повеќе рути и отворање дополнителни премини за доставување поголема помош за повеќе луѓе. Потврдуваме дека заштитата на животите на цивилите е клучен елемент на меѓународното хуманитарно право кое мора да се почитува и заедно сите ние мора да направиме повеќе за да обезбедиме помошта да стигне до луѓето на кои им е очајно потребна, се додава во соопштението. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан