• среда, 25 декември 2024

ЕК објави конкурси за придонес во конкурентноста во виртуелната сфера и вештачката интелигенција 

ЕК објави конкурси за придонес во конкурентноста во виртуелната сфера и вештачката интелигенција 

Брисел, 10 јануари 2024 (МИА) - Европската комисија објави два конкурси за придонес во конкурентноста во виртуелната сфера и генеративната вештачка интелигенција и дополнително испрати барања за информации до неколку големи дигитални компании. 

- Сите заинтересирани страни се поканети да го споделат своето искуство и да дадат повратни информации за нивото на конкуренција во контекст на виртуелната сфера и генеративната вештачка интелигенција, како и нивни сознанија за тоа како Законот за конкуренција може да помогне при осигурувањето дека овие нови пазари ќе останат конкурентни, соопшти Еврокомисијата. 

Во соопштението се додава дека Европската комисија внимателно ќе ги разгледа сите добиени информации преку конкурсите и може и да организира работилница во вториот квартал од 2024 година на која би се разгледале сите различни перспективи кои ќе произлезат од добиените предлози. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, конкурсите траат до 11 март 2024 година. 

- Дополнително, Европската комисија разгледува некои од договорите што се склучени меѓу големите играчи на дигиталниот пазар и генеративните развивачи и провајдери на вештачка интелигенција и го истражува влијанието на овие партнерства врз динамиката на пазарот, наведува ЕК, додавајќи дека во тек е проверка дали инвестицијата на „Мајкрософт“ во „ОпенАИ“ може да биде опфатена со Регулативата за спојување на ЕУ. 

Во врска со објавените конкурси, извршната потпретседателка на ЕК и еврокомесарка за конкуренција Маргрете Вестагер истакна дека во услови на брз развој на виртуелната сфера и генеративната вештачка интелигенција од фундаментално значење е овие нови пазари да останат конкурентни и ништо да не го попречи растот на бизнисите и обезбедувањето на најдобри и најиновативни производи за потрошувачите.  

- Ги покануваме бизнисите и експертите да ни ги посочат сите прашања поврзани со конкуренцијата што може да ги увидат во овие индустрии, но исто така внимателно ги следиме и партнерствата поврзани со вештачка интелигенција за да се осигураме дека тие не ја нарушуваат претерано динамиката на пазарот, додаде Вестагер. 

Според проценките на ЕК, инвестициите во виртуелната сфера во ЕУ во 2023 година достигнале околу 11 милијарди евра, а во вештачката интелигенција над 7,2 милијарди евра, при што се очекува нивни експоненцијален раст во следните години. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан