• среда, 25 декември 2024

ЕК иницира консултации за мерки за заштита на волците во Европа 

ЕК иницира консултации за мерки за заштита на волците во Европа 

Брисел, 4 септември 2023 (МИА) – Европската комисија денеска стартуваше нова фаза во програмата за заштита на волците, чија цел е нивно враќање во регионите на ЕУ каде што ги нема подолго време, а особено во оние делови каде мерките за спречување напади врз добитокот не се широко имплементирани. 

За таа цел Комисијата ги поканува локалните заедници, научната фела и сите заинтересирани страни до 22 септември 2023 година да достават ажурирани податоци за популацијата на волци и нивните влијанија во регионите во кои живеат. 

Врз основа на овие податоци, Еврокомисијата ќе изврши измени на правилата за статусот и за ажурирање на правната рамка на заштита на волците во ЕУ. 
Комисијата уште во април годинава започна да прибира податоци од експертски групи и засегнати страни за состојбата со волците, но овие податоци, како што се наведува во денешното соопштение, се уште не даваат целосна слика што би му овозможила на извршното тело на ЕУ да дизајнира понатамошни активности, па затоа денеска ја стартува новата фаза со цел проширување на консултациите околу заштитата на волците. 

Еврокомисијата посочува дека е свесна оти враќањето на волците во регионите на ЕУ каде што ги нема подолго време може да доведе до конфликти со локалните земјоделски и ловечки заедници, но како домороден вид, волкот е составен елемент на природното наследство на Европа и игра важна улога во нејзините екосистеми. Според директивите на ЕУ, волците во Европа уживаат строга заштита, согласно барањата на меѓународната Бернска конвенција за зачувување на европскиот див свет и неговите природни живеалишта, чии потписници се и Унијата и нејзините земји членки. 

ЕУ се труди да промовираат начини за минимизирање на конфликтите меѓу интересите на луѓето и присуството на месојадните животни преку размена на знаење и со заедничка работа на отворен и конструктивен начин, па од таму, со цел да се заштитат социо-економските интереси на земјите членки, под одредени услови, на нив им е дозволено да отстапат од забраните на строгиот режим на заштита на дивиот свет, посочува Европската комисија. сп/

Остани поврзан