• сабота, 23 ноември 2024

ЕК го поздрави договорот за нови правила за намалување на емисиите на јаглерод диоксид од тешките возила 

ЕК го поздрави договорот за нови правила за намалување на емисиите на јаглерод диоксид од тешките возила 

Брисел, 18 јануари 2024 (МИА) – Европската комисија го поздрави договорот постигнат меѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ за Регулативата со која се утврдуваат нови правила за емисии на јаглерод диоксид од страна на тешките возила. 

- Новите стандарди ќе обезбедат овој сегмент од транспортниот сектор да придонесе за премин кон превоз со нула емисии (на јаглерод диоксид) и да придонесе за остварување на климатските амбиции на ЕУ до 2030 и за постигнување климатска неутралност до 2050 година, посочува Европската комисија.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, целта на новите правила е поставување нови цели за намалување на емисиите на јаглерод диоксид во транспортниот сектор до 2030, 2035 и 2040 година, како и зголемување на уделот на возила со нулта емисија на штетни гасови во возниот парк ширум ЕУ, но истовремено и обезбедување на иновации во транспортот и одржување и унапредување на неговата конкурентност. 

Со договорот се проширува опсегот на возила на кои се однесува Регулативата, кои сега ги вклучуваат и помалите камиони, градските и меѓуградските автобуси и приколките. 

Обврските за остварување на целите за намалување на емисиите за штетни гасови нема да важат за товарните превозни средства на компаниите со помал обем на производство, како и за возилата што се користат во рударство, шумарство, земјоделство, вооружените сили, противпожарните служби, цивилната заштита, органите на јавен ред и во здравствениот сектор. 

Од обврските, но само до 2035 година, се исклучени и камионите за превоз на смет и мешалките за бетон, но ќе се работи на стимулирање на користењето во овие сектори на помали камиони со зафатнина до пет тони. 

Со договорот се предвидува емисиите на јаглерод диоксид од тешки камиони над 7,5 тони до 2030 година да се намалат за 45 отсто од нивото во 2019 година, до 2035-та за 65, а до 2040 година за 90 проценти. Кај автобусите, пак, целта е намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 90 отсто до 2030 и за сто проценти до 2035 година. 

Документот предвидува и во 2027 година Европската комисија да изврши проверка на ефикасноста на новите правила и евентуална ревизија на поставените цели. 

Усогласениот текст на регулативата сега треба да биде одобрен од Советот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ (Корепер) и од Комисијата за животна средина на Европскиот парламент, по што ќе биде и формално усвоен од Светот на ЕУ и од страна на европратениците. 

Според податоците на ЕУ, тешките возила се извор на 25 отсто од емисиите на стакленички гасови во транспортниот сектор. Стандардите за емисии на јаглерод диоксид од страна на тешките возила беа утврдени во 2019 година, со цели за нивно намалување до 2025 и до 2030 година. По ревизијата на поставените цели извршена во 2022 година, лани во февруари Еврокомисијата ја предложи сегашната регулатива со цел до 2050 година. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан