• среда, 27 ноември 2024

ЕК бара финансиски санкции за Бугарија поради неусогласеност со Директивата на ЕУ за правата на жртвите на насилство 

ЕК бара финансиски санкции за Бугарија поради неусогласеност со Директивата на ЕУ за правата на жртвите на насилство 

Брисел, 16 ноември 2023 (МИА) - Европската комисија денеска одлучи да ја даде Бугарија на Судот за правдата на Европската Унија поради неусогласување на националното законодавство со Директивата на ЕУ за правата на жртвите, со барање на земјата да и бидат изречени финансиски санкции. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, согласно одредбите од Директивата за правата на жртвите, земјите членки на ЕУ требаше да ги усогласат своите национални законодавства со неа најдоцна до 16 ноември 2015 година. 

Во јануари 2016 година, Еврокомисијата испрати писмо со формално известување до Бугарија дека не се усогласила со Директивата. По бројните размени на дописи со бугарските власти и земајќи ги предвид најновите одговори од Софија, ЕК одлучи да ја даде земјата на Судот на правдата, бидејќи две одредби од Директивата за правата на жртвите се уште не се вклучени во бугарското законодавство. 

Комисијата нагласува дека ќе бара Судот да и изрече финансиски санкции за Бугарија, поради неусогласеност со законодавна директива на ЕУ. 

Директивата за правата на жртвите е инструмент на ниво на ЕУ што се однесува на сите жртви на насилство. Од нејзиното стапување во сила во 2015 година, според оценките на ЕК, Директивата имаше позитивно влијание врз правата на жртвите за пристап до информации и го подобри нивниот пристапот до услугите за поддршка. 

Целта на Директивата е да им обезбеди сите жртви на насилство да добијат соодветни информации, поддршка и заштита и да можат да учествуваат во кривичната постапка. Според Директивата, жртвите „треба да бидат препознаени и третирани со почит и на соодветен, приспособен, професионален и недискриминаторски начин од сите актери кои доаѓаат во контакт со нив“.  

Посебно внимание треба да им се посвети на жртвите со специфични потреби, со цел да се заштитат од секундарна виктимизација, одмазда и заплашување. На овие жртви, исто така, им се гарантира пристап до специјализирани услуги за поддршка и до посебни мерки за заштита. 

Во 2019 година, Комисијата покрена 25 постапки против земјите членки на ЕУ поради нецелосна усогласеност со Директивата за правата на жртвите. До ноември 2023 година, сите останати постапки се затворени, освен таа за Бугарија. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан