• недела, 22 декември 2024

Екологисти од Неготино против изградба на инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад

Екологисти од Неготино против изградба на инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад

Неготино, 22 октомври 2024 (МИА) - Нема да дозволиме изградба на инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад, потврдија вечерва од регионалното еколошко здружение „Ековита“ од Неготино, во изјава за МИА, по објавувањето на известување за намера за спроведување ваков проект на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање.   

- Да, точно е, има инвеститор од Скопје  заинтересиран за поставување инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад со капацитет од 35 тони на ден во постоечки објект лоциран на катастарска парцела во атарот на неготинското село Тремник. Замислете, инвеститорот сака да премести постоечки објект од Западна Македонија во неготинско, подвлече Сашко Тодоров, претседател на здружението. 

Тој потсети дека неготинци досега имаат водено неколку битки против заинтересирани  инвеститори потенцијални загадувачи. Притоа, истакна дека екологистите се надеваат дека неготинската локална самоуправа ќе  даде негативно мислење во врска со намерата на заинтересираниот инвеститор.

- Нема да дозволиме вакво нешто во регионот на грозјето и виното, со ресурси за развој на винскиот туризам. Ги потсетуваме општинските власти дека со нас потпишаа зелен договор пред локалните избори, со што се обврзаа дека нема да прифатат загадувачки индустрии, нагласи Тодоров.

Тој додаде дека за новиот еколошки удар дознале токму денеска во Неготино, токму во време кога се одржуваше  работилница за еколошка правда. свд/нд/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан