• вторник, 24 декември 2024

„Ековита“ изготви Зелен договор, повика да го потпишат кандидатите за претставници на Локална самоуправа Неготино 

„Ековита“ изготви Зелен договор, повика да го потпишат кандидатите за претставници на Локална самоуправа Неготино 
Неготино, 28 септември 2021 (МИА) - Здружението на граѓани „Ековита“ од Неготино изготви Зелен договор и повика да го потпишат кандидатите за претставници на локалната самоуправа Неготино.
-Сметаме дека проблемот со еколошкото загадување на животната средина, здравјето и иднината на нашите млади треба да биде одлучувачки фактор при изборот на претставниците на локалната самоуправа. Од тој аспект изготвивме договор со кој ќе се обврзат кандидатите за претставници на локалната самоуправа, дека нема да дозволат на територијата на Општина Неготино изградба на индустриски капацитети со Г-1 тешка загадувачка индустрија, односно нема да се дозволат изградба на топилница за железо, гасна централа која ќе преработува и согорува комунален отпад од цела Македонија и увоз на отпад од  соседните земји, појасни Сашко Тодоров, претседател на ова Здружение на граѓани.
Тој информираше дека кандидатите за градоначалници на локалните избори од Неготино, носителите на листи за членови во Советот на Општина Неготино, својот потпис ќе го депонираат пред нотар.
-Потписниците на овој договор јавно ќе бидат објавени и поддржани од граѓаните на локалните избори. За оние кои ќе одбијат да го потпишат договорот,  ќе се повикаат граѓаните на селективен бојкот на овие избори. Потребни ни се креативни и мудри лидери кои ќе се залагаат за развој на Неготино, но не на сметка на  иднината и здравјето  на нашите деца. Граѓаните го имаат последниот и одлучувачки збор, порача Тодоров. свд/мд/

Остани поврзан