Едукативно-креативна археолошка работилница со глина за велешките основци
- Во организација на Народниот музеј од Велес, 12 ученички од основните училишта во Велес денеска учествуваа во едукативно-креативна археолошка работилница насловена „Звуците на глината во прегратките на куќата“. Работилницата која се одржа во Спомен куќата на Кочо Рацин е дел од програмата за одбележување на Европските денови на културното наследство.
Велес, 25 септември 2025 (МИА) – Во организација на Народниот музеј од Велес, 12 ученички од основните училишта во Велес денеска учествуваа во едукативно-креативна археолошка работилница насловена „Звуците на глината во прегратките на куќата“. Работилницата која се одржа во Спомен куќата на Кочо Рацин е дел од програмата за одбележување на Европските денови на културното наследство.
Анита Василкова Мидоска, кустос-советник и археолог на ЛУ Народен музеј информира дека работилницата имаше за цел да ги доближи децата до археологијата и музејската работа, како и да им овозможи практично искуство поврзано со културното наследство. Преку креативен и интерактивен пристап, младите учеснички имале можност да го разберат процесот низ кој еден археолошки предмет поминува – од пронаоѓање во земја, преку истражување, реконструкција, па се до поставување во музејска витрина.

Работилницата се одвиваше во два дела. Во првиот дел, децата преку кратка презентација се запознале со развојот на куќата од минатото па се до средниот век и со важноста на глината во археолошките истражувања. На учениците им беше појаснето како изгледа процесот на пронаоѓање на предмети од глина, кои се едни од најчестите археолошки наоди и како тие потоа завршуваат во музејските витрини.
Во вториот дел од работилницата, ученичките имале задача да составуваат скршени керамички предмети – слично како што археолозите реконструираат артефакти од бројни фрагменти. Дополнително, тие самите моделираа предмети со глина и глинамол, користејќи инспирација од музејски експонати.
Василкова Мидоска потенцира дека целта на ваков и сличен проект е да изградат интерес и почит кај децата кон културното наследство уште од најмала возраст. Најави дека ваквите работилници за глина и археологија да прераснат во традиционални. ад/фф/
Фото: Народен музеј Велес