• четврток, 26 декември 2024

Едукативни работилници за ученици и наставници на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“

Едукативни работилници за ученици и наставници на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“
Скопје, 19 ноември 2022 (МИА) - Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ во своето 57. издание воведува содржини во текот на целата година. Меѓу нив ќе биде едукативната работилница што ќе почне од денеска во Прилеп. Работилницата ќе ја води режисерот и едукатор Милош Б Андоновски, а ќе биде наменета за наставници и ученици од прилепските основни училишта „Кочо Рацин“ и „Св. Климент Охридски“ и средните училишта „Мирче Ацев“ и „Ѓорче Петров“. Како што информираат од МТФ, работилниците ќе се одвиваат во репетиционата сала на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, а фокусот ќе биде врз истражување и проучување на театарската уметност и неговите сфери - актерството, драмското пишување, сценографијата, костимографијата, критиката. - Овој концепт и воведувањето на едукативната програма, не само што го прават фестивалот поотворен од кога било, туку нудат и ретка можност за меѓугенерациско учење: наставници, ученици и актери на различна возраст заедно да работат и да учат едни од други. Целта на оваа едукативна програма во рамките на МТФ „Чернодрински“ е само првиот чекор кон она што сите нѐ чека по завршувањето на фестивалот – генерирањето нова публика и нови очи, коишто повторно и повторно ќе му се враќаат на гледањето театар, вели режисерот Андоновски. Тој надополнува дека во работилниците ќе се вклучат и неколкумина актери од прилепскиот ансамбл, кои ќе се среќаваат со учениците и наставниците еднаш неделно, сѐ до почетокот на фестивалот во јуни. Месечните работилници ќе бидат тематски одредени и поврзани со драмата „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле, којшто, воедно, е и автор во фокус на 57. издание на фестивалот. Директорката на фестивалот, Ана Стојаноска посочи дека секоја година ќе ротираат по две средни и две основни училишта. Според неа, до почетокот на февруари, ќе има и презентација на сработеното. фф/мч/

Остани поврзан