• недела, 22 декември 2024

Едукативни прирачници за активности во природа за учениците за Споменикот на природата Вевчански извори

Едукативни прирачници за активности во природа за учениците за Споменикот на природата Вевчански извори

Струга, 7 јуни 2024 (МИА) - Со едукативни прирачници за реализирање активности во природа Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“ ќе ги поврзува децата со природата уште од најмала возраст преку игри и учење за Споменикот на природата Вевчански извори.

Eдукативните прирачници, како што информира Дарко Ќитаноски, локален проектен координатор на Еко-свест во Вевчани, опфаќаат три возрасни групи, од предшколска возраст, пониските и повисоките одделенија во основно училиште.

- Прирачниците содржат голем број практични совети, забавни и едукативни игри. Можат да ги користат наставниците, едукатори, но и учениците во своите еко-секции и активности надвор од училиштето, изјави Ќитаноски.

Инспирацијата за прирачниците, според Наум Илиески, локален координатор на Еко-свест во Вевчани, доаѓа примарно од заштитеното подрачје Споменик на природа Вевчански извори и може да се користи насекаде.

- Децата учат преку игра. Ова е факт докажан со толку многу истражувачки трудови, а сепак често се игнорира при развивање образовни програми. Па, со таа цел ги изработивме овие едукативни прирачници за децата да учат преку игра во природа, вели Илиески.

Прирачниците се изработени од Еко-свест како дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански Извори" спроведуван од Еко-свест - финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust - PONТ. Целта на проектот е да се постигне долгорочна заштита на Споменикот на природата „Вевчански извори“ и просперитет на локалната заедница преку практики за одржливо управување со природните вредности на заштитеното подрачје. сс/дма/

Фото: Еко - свест

Остани поврзан