• среда, 29 јануари 2025

Едукативен проект на Рудникот САСА за запознавање на најмладите со природните вредности и нивната заштита

Едукативен проект на Рудникот САСА за запознавање на најмладите со природните вредности и нивната заштита

Македонска Каменица, 28 јануари 2025 (МИА) - Рудникот САСА со група независни автори издаде книга за најмладите членови на заедницата наменета за нивно запознавање со природните убавини. Автор на книгата е биологот и едукатор Кирил Арсовски-Пржо, а цртежите се на младата илустраторка Софија Ситновска.

Како што беше посочено на настанот од Рудникот САСА, целта на книгата „Јасмина низ Осоговските Планини - приказна за запознавање на природните вредности и како да ги заштитиме“ е да се збогати литературата за деца на македонски јазик посветена на проучување на природата, како и да се даде придонес кон градењето на свесноста за потребата од зачувување на животна средина. 

-Книгата, која првенствено е наменета за деца и ученици до петто одделение, претставува едукативно еколошко четиво, кое преку автентичен стил на раскажување и градење на приказната го води читателот низ природните карактеристики на околината на рудникот Саса и Осоговските планини, нивните природни убавини и биолошка разновидност, информираат од Рудникот Саса.

Книгата содржи и насоки за безбедно движење и правилно однесување во природа, а во неа, на соодветен начин, е опишана и симбиозата помеѓу рударството и природата, која со векови постоела во овој регион, како и активностите што ги презема рудникот Саса за одржување на ваквата рамнотежа. 

Упатувајќи благодарност до целиот тим кој работеше на реализацијата на овој едукативен проект, раководителот на службата за заштита на животната средина во Рудник Саса, Марија Стојановска изјави дека идејата за реализацијата на овој проект произлезе од фактот дека свесноста и љубовта кон природните убавини започнува да се создава уште од најмала возраст.

-Затоа ние во рудникот Саса со посебно внимание и посветеност се ангажиравме во изработката на оваа прекрасно илустрирана книга која веруваме дека децата ќе ја засакаат и ќе придонесе за збогатување на нивите познавања за природата во која живеат и ги опкружува и која ќе биде еден вид патоказ за тоа како треба да се однесуваат кон неа, рече Стојановска.

Најголем дел од тиражот на книгата Рудникот Саса ќе им го отстапи на општинското основно училиште, детската градинка и општинските и градски библиотеки низ источниот регион, како и во други делови од земјата, а примероци од книгата ќе бидат доставени и во дневниот Центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица. 

Ова едукативно издание е уште една од низата општествено одговорни активности што ја спроведува Рудникот Саса, во рамки на својата долгорочна стратегија за одржлив развој и просперитет на заедницата. вс/фф/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан