• сабота, 12 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Едносменска настава има во 150 училишта, за да се опфатат сите во државава треба да се доградат 300 училници

Едносменска настава има во 150 училишта, за да се опфатат сите во државава треба да се доградат 300 училници

Скопје, 11 април 2025 (МИА) - Сто и педесет училишта во државава во моментов имаат едносменска настава, информираше денеска ресорната министерка Весна Јаневска. Едносменската настава и продолжен престој на ученици и на наставници во училиштата е мерка на МОН што се спроведува како суштински предуслов за поквалитетно образование.

Воведувањето едносменска настава е поврзана со процесот за оптимизација на училишната мрежа односно затворање на подрачни училишта во рурални средини кои имаат само неколку ученици и нивно префрлање, заедно со кадарот, во централни училишта. За таа цел се потребни просторни услови - доградба на училници, но и на училишни објекти кога се работи за големи урбани општини. 

Во обраќање на економски  форум што денеска го организираше Finance Think – Институт за економски истражувања и политики, министерката Јаневска рече дека согласно направената анализа на МОН и Светска банка за воведување работа во една смена во сите училишта, потребно е да се доградат 300 училници и 70 санитарни јазли, што е инвестиција од околу 8 милиони евра.

-Ако учениците поминуваат повеќе часови на училиште, време што нема да биде исполнето само со класично учење, туку и со воннаставни активности кои значат стекнување нови знаења и вештини, тоа значи дека учениците добиваат повеќе време да се посветат на своите интереси и личниот развој. Дополнително, едносменската настава придонесува за создавање еднакви можности за сите ученици, овозможувајќи подеднаква достапност до образовните ресурси и активности, укажа министерката Јаневска. хс/ац/

Фото: МОН 

Остани поврзан