• среда, 25 декември 2024

Една четвртина од граѓаните во Источниот регион ги следат информациите од веб-страниците на општините и јавните претпријатија

Една четвртина од граѓаните во Источниот регион ги следат информациите од веб-страниците на општините и јавните претпријатија
Кочани, 2 април 2022 (МИА) - Само 24 отсто од граѓаните во Источниот плански регион редовно ги следат информациите на веб-страниците на јавните претпријатија и на општините во кои живеат, при што 62 проценти од нив сметаат дека податоците што ги добиваат им се корисни. Испитувањето на јавното мислење за квалитетот на услугите на институциите во 11 локални самоуправи од регионот, што ги направи здружението „Ини“ од Виница, покажува дека главен приоритет во работењето на јавната администрација останува подобрување на ефикасноста и ефективноста во исполнувањето на задачите во однос на граѓаните и другите корисници. Истражувањето е дел од проектот „Со професионална администрација до ефикасни и квалитетни услуги на локално ниво“ што се спроведе во изминатите десетина години. - Одговорите се добиени преку анонимна онлајн анкета со што им е овозможено на граѓаните да дадат пообјективна оценка за квалитетот на услугите што ги добиваат од институциите на локално ниво. Комуникацијата во услови на пандемија за институциите сè уште е отежната, особено во директните контакти со барателите и корисниците на услугите. Поради тоа тие се упатувани што повеќе да ја користат електронската комуникација, како при поднесувања барања, забелешки, приговори и слично, така и за подмирување на обврските. Сепак, неопходно е и понатаму да ја подобруваат отчетноста и транспарентноста, за да се овозможат полесен и поедноставен пристап до услугите, се истакнува во заклучоците од проектот. При анализата на испитувањето на јавното мислење се забележува дека граѓаните, пред сè повозрасната популација, сè уште преферираат да ги добиваат услугите на шалтер, а 88 отсто од испитаниците очекуваат што побрзо да се заврши дигитализацијата на услугите, и кај јавните претпријатија и кај општините. Истражувањата на здружението „Ини“ се реализираа со финансиска поддршка од Европската комисија, како грант во рамки на проектот „Зајакнување на граѓанското општество од Западен Балкан за реформа на јавната администрација“. та/сп/

Остани поврзан