• вторник, 24 декември 2024

Една декада садење Лајонс рози

Една декада садење Лајонс рози
Скопје, 28 март 2021 (МИА) - Членовите на Лајонс клубот Вардар, денеска засадија 30 садници рози во кампусот на Факултетот за електротехника и информатички технилогии (ФЕИТ) и Машинскиот факултет во Скопје. Ова е традиционално, десетто, засадување рози по повод деновите на пролетта и на екологијата. - Акцијата, вообичаено, се реализира на 21.03 – Денот на пролетта, но оваа година, заради временските услови ја пролонгиравме до денес, кога постојат можности да ги засадиме розите. Оваа традиција почна пред една декада на Земјоделскиот факултет, продолжи на Медицинскиот факултет и повеќе од пет години ја практикуваме овде, на овој кампус факултети. Овие рози го оплеменуваат и го разубавуваат кампусот. Одлучивме да засадиме 30 рози колку што имаме активни членови на Клубот, објаснува Билјана Филиповска Шимиќ, претседател на Лајонс клубот Вардар. Досега, членовите на Клубот засадиле околу 500-тини садници рози во т.н. „Парк на лајонизмот“. Во активноста за садење, генерално, учествуваат сите членови на Лајонс клуб Вардар, но годинава, заради пандемијата, учествуваа само неколку Лајони. Исто така, Лајонс Вардар организира низа хуманитарни акции, како суштина на лајонизмот. Досега, се организирани многу акции за донирање храна, облека, помагала на луѓето, бела техника. Акциите ги реализираат самостојно или во координација со Црвениот крст на Македонија, со чија поддршка точно се насочува помошта кон оние семејства на кои им е најнеопходна. Во годинава што изминува, членовите на Лајонс клуб Вардар организираа акции во Пробиштип, во Слепче (демирхисарско), како и на десетина семејства од општина Чаир (скопско). Исто така, се донирани апарати за дезинфекција во поликлиниката „Букурешт“, како и во инфективното одделение во болницата во Куманово. - Парите за реализација на активностите ги собираат членовите на клубот преку низа разни активности и акции. Освен членарината што ја плаќа секој член, во текот на годината, организираме акции за собирање облека и/или бела техника и ја даваме таму каде што е најпотребна. Исто така, во своето дваесетгодишно постоење, познати сме по организирање годишна забава или како Лајонси посетуваме многу значајни локации во земјава и притоа, собираме пари за организирање други хуманитарни акции. Во нашата крв тече хуманоста, додава професор Миле Димитровски, кој учествува во акцијата за садење рози уште од самите почетоци. цр/лв

Остани поврзан