• четврток, 26 декември 2024

Европски филмски предизвик до 17 мај  

Европски филмски предизвик до 17 мај  
Скопје, 23 март 2021 (МИА) - Од 8 март до 17 мај филмофилите може да учествуваат на Европскиот филмски предизвик (European Film Challenge) и тие што ќе имаат најмногу освоени поени ќе отпатуваат на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал 2021, доколку не биде откажан поради пандемијата и ако нема рестрикции за патувања. Европскиот филмски предизвик е иновативна дигитална платформа што ја поврзува најголемата заедница на љубители на европскиот филм и ја промовира европската кинематографија. Предизвикот бара од учесниците во период од 10 недели да изгледат 10 европски филмови на репертоарот во киносалите, во рамки на локалните филмски фестивали, на телевизија или на некоја од легалните видеостриминг-платформи. Заинтересираните може да се вклучат во предизвикот со регистрација на https://europeanfilmchallenge.eu/mk/, а исто така постојано да ги следат социјалните медиуми - Фејсбук и Инстраграм и во неделите кои следуваат да гледаат многу нови и стари европски филмски остварувања, препораки, содржина од зад камерите и игри. Секој внесен филм на платформата на учесникот во предизвикот му носи различни поени. Своето искуство, учесниците треба да го споделат со фотографија од својот билет или со фотогарфија како гледаат филм дома, сами, со најблиските или со друштвото. Фотографиите треба да ги споделат на социјалните мрежи под хаштагот #EuropeanFilmChallenge, со што стануваат потенцијални победници на овој предизвик. На крајот учесникот со најголем број поени ќе добие можност да ја доживее еуфоријата на филмскиот фестивал во Кан. Доколку фестивалот биде откажан поради ситуацијата со КОВИД-19 или ако постојат рестрикции за патување, победникот ќе добие пакет Home cinema experience. European Film Challenge е млада филмофилска заедница на вљубениците во европскиот филм желни да го доживеат киното од првите редови преку содржини од зад сцената, филмски препораки и ексклузивен пристап до европските филмови и фестивали во Берлин, Кан и Венеција. Во нашата земја проектот го спроведува Центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21“ заедно со европски партнери во девет држави, со поддршка од програмата на ЕУ МЕДИА - Креативна Европа и Европската филмска индустрија. хс/сп/

Остани поврзан