• вторник, 24 декември 2024

Европски суд на правдата: Властите не може неселективно да чуваат биометриски податоци на осудени лица се до нивната смрт 

Европски суд на правдата: Властите не може неселективно да чуваат биометриски податоци на осудени лица се до нивната смрт 

Брисел, 31 јануари 2024 (МИА) - Институциите одговорни за спроведување на законот не можат неселективно да ги чуваат биометриските и генетските податоци на лицата кои извршиле кривични дела се до нивната смрт, реши Судот на правдата на ЕУ. 

Биометриските податоци добиени со земање отпечатоци од прсти, преку системи за препознавање лице или со скенирање на ирисот, претставуваат лични информации што се користат за идентификација на поединецот и можат да бидат дел од процесот на верификација на неговиот дигитален идентитет. 

Од друга страна, генетските податоци се информации за генетските карактеристики на една личност, како што се пол, раса, висина или тежина и поконкретно може да укажуваат на психолошкото или физичкото здравје на поединецот. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во земјите членки на ЕУ, полициите ги собираат овие податоци од лица што извршиле кривични дела, ги складираат и може да ги чуваат се до нивната смрт, но Европскиот суд на правдата сега оцени дека ваквата пракса е во спротивност со правото на Унијата. 

Пресудата е донесена врз основа тужба на лице од Бугарија, кое било обвинето за лажно или нецелосно сведочење при судски процес во својство на сведок, поради што било осудено на условна затворска казна од една година. Согласно процедурата, како на лице сторител на кривично дело, при тоа му биле земени биометриски и генетски податоци. 

По отслужувањето на казната, лицето побарало неговите податоци да бидат отстранети од полициската евиденција, но неговото барање било одбиено со образложение дека според бугарското законодавство, податоците за лица на кои им е изречена правосилната кривична пресуда се чуваат во евиденција се до нивната смрт и не може да бидат избришани додека се живи. 

Лицето поднело жалба на ваквата одлука до бугарскиот Врховен административен суд, кој пак случајот го упатил до Судот на правдата на ЕУ. 

По барањето Судот на правдата реши дека во овој случај земените податоци во евиденцијата на бугарската полиција, кои вклучуваат отпечатоци од прстите, фотографија, примерок од ДНК и наводи за кривичното дело, не би требало да се чуваат до смртта на лицето, бидејќи не станува збор за дело со високо ниво на ризик. 

Според Судот, нема оправдување за примена на единствен пристап за складирање на податоците на сите осудени лица се до нивната смрт, тука таа временската рамка треба да се применува само во конкретни случаи во зависност од тежината на кривичното дело. 

Асистентот по право на заштита на податоците и кибер безбедност на Универзитетот во Тилбург, Лоренцо Дала Корте смета дека ваквата пресуда е добредојдена и не претставува изненадување. 

Според него, доколку телекомуникациските податоци и евиденцијата за имињата на патниците се бришат по одреден период, логично е истиот принцип да важи и за биометриските и генетските податоци. 

- Критичен момент овде не е за законитоста на мерката што ја оцени Судот, ниту нејзината адекватноста како алатка за спречување криминал, водење истрага и гонење, туку проблемот е што општото и неселективно складирање на лични податоци не може да се смета за „неопходно“, бидејќи е можно да се предвидат соодветни алтернативи кои би резултирале со помало мешање во основните права на вклучените лица, оцени Дала Корте. 

Европското право налага со националните законодавства да се предвиди обврска за периодична проверка на неопходноста од натамошно складирање и чување на податоците и доколку не се утврди таква потреба, да постои можност за нивно бришење од евиденцијата. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан