Европската конференција за млади инженери вторпат ќе се одржи во Скопје, регистрацијата е во тек
- Клубот на млади инженери при Инженерската институција на Македонија вторпат ќе биде домаќин на Европската конференција за млади инженери #EYESKOPJE2023. Темата на годинашната конференција е „Connecting Engineers’ Pathways“, а ќе се одржи од 5 до 8 октомври на Факултетот за електротехнички науки и информатички технологии (ФЕИТ).
Скопје, 28 јули 2023 (МИА) - Клубот на млади инженери при Инженерската институција на Македонија вторпат ќе биде домаќин на Европската конференција за млади инженери #EYESKOPJE2023. Темата на годинашната конференција е „Connecting Engineers’ Pathways“, а ќе се одржи од 5 до 8 октомври на Факултетот за електротехнички науки и информатички технологии (ФЕИТ).
Како што информира Клубот на млади инженери, на 51. европски инженерски собир ќе бидат присутни млади инженери од земјава и од сите европски земји. Сите заинтересирани млади инженери може да се регистрираат на следниот ЛИНК и да ја искористат можноста за првите најповолни влезници за регистрација до 6 август 2023 година.
- Европската конференција на EYESKOPJE2023 на младите инженери учесници ќе им понуди три дена исполнети со панел сесии и работилници преку кои ќе се запознаат со успешни лидери, менаџери, како и експерти од инженерската индустрија во земјава, кои ќе ги споделат своите согледувања и перспективи за предизвиците, трендовите и можностите со кои се соочуваат индустриите и општество во целост. Ќе бидат организирани и презентации и посети на компании во Скопје и околината, што ќе помогне во дополнително размена на идеи, градење нови релации и деловни можности, се вели во соопштението.
Европската конференција за млади инженери, како што се наведува, ќе придонесе кон промоција на домашните млади инженери, домашните компании и ќе понуди можности за вмрежување и поттикнување идни соработки на нови иновативни проекти.
Клубот на млади инженери ги поканува и домашните компании да учествуваат на конференцијата и да се вклучат со презентирање на сопствените компании и визии за примена на иновативните инженерски решенија и зголемување на придобивките од истото. мд/дма/
Фото: Клуб на млади инженери