• четврток, 07 ноември 2024

Европската комисија започна истрага против кинеската онлајн платформа Тему

Европската комисија започна истрага против кинеската онлајн платформа Тему

Брисел, 31 октомври 2024 (МИА) - Европската комисија денеска започна формална постапка против кинеската платформа за онлајн продажба Tema за да истражи дали ги прекршува правилата за ограничување на продажбата на нелегални и потенцијално опасни производи на нејзината страница.

Како што е наведено, Европската комисија се сомнева дека Тему го прекршува Европскиот закон за дигитални услуги (ДСА), пренесува Блумберг.

Доколку се потврди сомневањето за прекршување на законот, Тему би можел да плати казна до шест отсто од својот глобален годишен приход.

Комисијата соопшти дека ќе ја процени и транспарентноста и практиките за пристап до податоци на Тему, како и неговата наводна имплементација на функции кои предизвикуваат зависност за да ги натера клиентите да трошат повеќе пари.

Дополнително, Европската комисија ќе провери дали Тему ја контролира продажбата на нелегални производи и што прави за да ги отстрани лажните трговци од платформата.

По формалната истрага на ЕУ, Тему има право да предложи усвојување контрамерки за да се одговори на загриженоста на Европската комисија и на тој начин да се избегнат потенцијално високите казни.

Истрагата следи по барањето на ЕУ на 11 октомври Тему да соопшти што прави за да ја спречи продажбата на фалсификувани или небезбедни производи на онлајн платформата.

Европската комисија тогаш соопшти дека побарала „детални информации и внатрешни документи за мерките за ублажување преземени против присуството и повторното појавување на трговци кои продаваат нелегални производи“ на платформата Тему.

Информациите кои ЕК му ги доставила на Тему досега се незадоволителни и не ја ублажиле загриженоста на Европската унија, додаваат анонимни извори. мс/

фото: Пиксабеј

Остани поврзан