• сабота, 23 ноември 2024

Европа го одбележува Денот на победата и Денот на Европа

Европа го одбележува Денот на победата и Денот на Европа

Брисел, 9 мај 2023 (МИА) - Во Европа денеска се одбележува 9 мај како Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа, во знак на сеќавање на крајот на Втората светска војна во Европа во 1945 година и почетокот на создавањето на Европската Унија, пет години. подоцна.

Оваа година се навршуваат 78 години од крајот на Втората светска војна и 73 години од покренувањето на иницијативата за создавање на денешната Европска Унија.

Во земјите на ЕУ, Денот на Европа е од особена важност како ден кој означи пресвртница во односите меѓу европските земји и го отвори патот за создавање заедница на држави на тој континент, додека во Русија фокусот е на прославата на Денот на победата во Втората светска војна.

Во Русија, 9 мај се одбележува како Ден на победата над фашизмот со традиционалната воена парада на Црвениот плоштад во Москва.

Денот на победата над фашизмот се слави на 9 мај за да се одбележи денот во 1945 година кога нацистичка Германија ја потпиша капитулацијата во Втората светска војна.

Денот на Европа, 9 мај, е востановен како ден на сеќавање на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман од 1950 година, што се смета за прв официјален чекор во создавањето на ЕУ.

Декларацијата беше предлог до поранешните непријатели, Франција и Германија, да основаат организација за заедничко управување со нивните индустрии за јаглен и челик, за никогаш повеќе да не се случи војна во Европа.

Предлогот доведе до создавање на Европската заедница за јаглен и челик во 1951 година, претходник на Европската економска заедница, или денешната ЕУ. ссм/

фото: архива

Остани поврзан