• понеделник, 16 декември 2024

Евролига: Серхио Љуљ се приклучи на елитно друштво

Евролига: Серхио Љуљ се приклучи на елитно друштво

Мадрид, 15 ноември 2024 (МИА) - Иако Реал Мадрид претрпе изненадувачки пораз од Ефес со 74:64 на домашен терен, нивниот ветеран Серхио Љуљ ќе има само позитивни спомени од тој меч бидејќи ја мина границата од 4.000 освоени поени во Евролигата.

Историјата во натпреварувањето ја испиша кон средината на четвртата четвртина, кога погоди тројка од десната страна на теренот за 58:63. Натпреварот го заврши со шест поени на ден пред својот 37 роденден, па во моментов има вкупен учинок од 4.003 поени во Евролигата.

Љуљ е само петтиот играч кој успеал да го направи ова, покрај него, членови на елитното друштво се Хуан Карлос Наваро со 4.152 поени, Василис Спанулис со 4.455, потоа Нандо де Коло со 4.568 и најдобриот стрелец во историјата на натпреварувањето Мајк Џејмс со 4.751 поен.

Љуљ игра за Реал од 2007 година, со кого во три наврати ја освојуваше Европа, а осум пати беше шампион на Шпанија. Во 2017 година беше најкорисен играч на Евролигата. Со репрезентацијата има три златни медали на ЕП, го освои Светското првенство во 2019 година и среброто на Олимписките игри во Лондон во 2012 година.

Мадриѓаните во моментов се на 11. место на табелата со четири победи и шест порази, а следниот натпревар го играат во четврток против Алба. дс

Фото: Архива

Остани поврзан