Еврокомесарот Шефчович заминува за Вашингтон на разговори за трговските односи ЕУ-САД
- Еврокомесарот за трговија и економска сигурност Марош Шефчович денеска патува за Вашингтон на разговори со претставници на новата Американска администрација околу трговските односи меѓу ЕУ и САД.

Брисел, 17 февруари 2025 (МИА) - Еврокомесарот за трговија и економска сигурност Марош Шефчович денеска патува за Вашингтон на разговори со претставници на новата Американска администрација околу трговските односи меѓу ЕУ и САД.
Според најавите Шефчович во Вашингтон ќе се сретне со американскиот секретарот за трговија Хауард Латник, со трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир и со шефот на Националниот економски совет, Кевин Хасет.
Во пресрет за заминувањето, Шефчович во саботата на 61. Минхенската безбедносна конференција изјави дека ЕУ е подготвена да разговара за се што е потребно, со цел да ги избегне царините за увоз на европски стоки во САД.
- Ги прашувам моите американски партнери, зошто треба да поминуваме низ оваа болка? Ако има други прашања на маса, ајде да седнеме заедно и да ги решиме, порача Шефчович.
Според него, ЕУ е подготвена да преземе мерки за намалување на суфицитот во трговската размена со САД, кој лани достигна околу 50 милијарди евра, факт што постојано го повторува американски претседател Доналд Трамп кога говори за односите со Унијата и „потребата од пофер однос“ на блокот кон неговата земја.
Шефчович најави и дека ЕУ е подготвена да ја намали својата царина за увоз на автомобили, што изнесува 10 отсто и е околу четири пати повисока од онаа во САД, како и дека блокот е расположен да ја зголеми набавката на американски стоки, пред се на течниот природен гас (ЛНГ) и сојата.
- Ако се проблем 50-те милијарди евра, ако се проблем автомобилите, ако е проблем сојата, ако е проблем ЛНГ, ние сме подготвени да разговараме за тоа, рече Шефчович.
Минатата недела, Трамп воведе царини 25 отсто за увозот на челик и алуминиум во САД, а најави и „реципрочни царини“ за земјите што ќе би презеле контрамерки за американското оцаринување. Царините за увозот на челик и алуминиум треба да стапат во сила од 12 март, додека евентуалните „реципрочни царини“ би требало да бидат воведени на 2 април.
Европските бизниси и економски аналитичари сметаат дека царините веројатно ќе имаат негативни последици кон и онака нискиот економски раст во ЕУ и може да доведат до тоа кинеските стоки што сега се пласираат во САД да се пренасочат на европските пазари. сп/
Фото: МИА Архива