• вторник, 24 декември 2024

Еврокомесарот Рејндерс од денеска заминува на неплатен одмор, ќе го менува Јоурова 

Еврокомесарот Рејндерс од денеска заминува на неплатен одмор, ќе го менува Јоурова 

Брисел, 15 април 2024 (МИА) – Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс од денеска заминува на неплатено отсуство од должноста за да може да учествува во кампањата за избор на нов генерален секретар на Советот на Европа. 

Како што соопшти заменичката на главниот портпарол на Европската комисија, Аријана Подеста, Рејндерс ќе биде на неплатено отсуство се до гласањето за избор на новиот генерален секретар во Парламентарното собрание на Советот на Европа, предвидено за средината на јуни.   

Според Подеста, за време на отсуството на Рејндерс со одлука на претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен, со неговиот ресор ќе раководи потпретседателката на ЕК за вредности и транспарентност Вера Јоурова. 

Неплатеното отсуство на Рејндерс, Фон дер Лајен го одобри уште на 28 март, откако Комитетот на министри на Советот на Европа ја поддржа неговата кандидатура за нов генерален секретар на оваа паневропска организација. 

Како што соопшти тогаш ЕК, Фон дер Лајен му одобри неплатено отсуство на Рејндерс имајќи ја предвид неговата заложба да се воздржи од директно и индиректно учество во каква било активност поврзана со изборната кампања, да гарантира дека таква активност не се спроведува во негово име, како и да избегне какви било дополнителни дејствија што би можеле да се перципираат како конфликт на интереси.  

Фон дер Лајен уште нагласи дека и во периодот на неплатеното отсуство за Рејндерс ќе важат одредбите и правилата од Кодексот за однесување на членовите на Европската комисија.  

- Претседателката посебно ја истакна обврската да не ги користи човечките или материјалните ресурси на Комисијата во периодот на кампањата и да продолжи со почитување на принципите на доверливост и колегијалност, како и со општите обврски утврдени во Кодексот на однесување, соопшти тогаш ЕК. 

Рејндерс е еврокомесар за правда од декември 2019 година, на која должност дојде од местото белгиски министер за надворешни работи, функција што ја извршуваше од декември 2011 година во влади на тројца премиери. Пред тоа, од јули 1999 до декември 2011 тој беше министер за финансии на Белгија. Од декември 2018 до ноември 2019 паралелно со должноста шеф на дипломатијата, беше и министер за одбрана. Тој веќе беше кандидат за генерален секретар на Советот на Европа во 2019 година, но загуби од актуелната шефица на Организацијата, Марија Пејчиновиќ Буриќ.   

Негови противкандидати за функцијата се донеодамнешниот швајцарски министер за внатрешни работи Ален Берсет и поранешниот естонски министер за култура Индрек Сар. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан