• среда, 25 декември 2024

Еврејска заедница: Очекуваме надлежните да преземат соодветни мерки против оние кои шират говор на омраза

Еврејска заедница: Очекуваме надлежните да преземат соодветни мерки против оние кои шират говор на омраза
Скопје, 22 февруари 2022 (МИА) - Еврејската заедница во земјава е вчудоневидена од неверојатниот говор на омраза по повод на престојот на една ортодоксно религиозна еврејска група во државава, која е во основа мирољубива и не загрозува никого, реагираат од Еврејската заедница. Потенцираат дека една група од 38 члена, со регуларен престој во земјава, облечена во својата традиционална облека, каде повеќе од половината се жени и деца предизвика неверојатен говор на омраза, антисемитизам и ксенофобија. - Една мала група на подбуцнувачи со своите изјави во стилот „Треба да се запали хотелот со се Евреите по него“ предизвикува страв и непријатно чувство на Евреите во Република Македонија. Никогаш Евреите во Македонија, не се судриле со таков антисемитизам, ксенофобија и јазик на омраза, кој може да предизвика несогледиви последици, нагласуваат од Еврејската заедница. Оттаму ги замолуваат новинарите крајно внимателно да известуваат за групата и она што се случува во врска со нив. - Инсинуациите дека се водат разноразни судски процеси за киднапирање на деца и други недолични работи од нив, не се точни и не се однесуваат за оваа група американски, канадски и други западно европски граѓани, припадници на оваа група со еврејска вероисповед. Јазикот на омраза и непочитување, ксенофобија, антисемитизам и фанизам, скапо го плати еврејскиот народ во Македонија. 7.144 евреи одведени на 11 март 1943 во Треблинка од каде никој жив не се врати, како и многуте борци Евреи кои загинати во Втората Светска Војна борејќи се рамо до рамо со останатите македонски борци се цена што еврејскиот народ ја плати за идеалите на слободна Македонија. Дали сега треба да дозволиме да една мала група подбуцнувачи, а јас би рекол и непријатели на демократскиот развој на Македонија, шират омраза и нетрпеливост кон Евреите?, се вели во соопштението. Од Еврејската заедница очекуваат надлежните органи како што се Обвинителството, МВР, Комисијата за заштита од дискриминација и други, да преземат соодветни мерки против, како што велат „подбуцнувачите“ на омраза и ширење на фашизам, ксенофобија и антисемитизам, а градоначелниците од актуелните општини активно да се вклучат и им објаснат на луѓето што протестираат против престојот на оваа група во нивна средина, дека оваа група само затоа што е облечена во поинакви алишта и со поинаков изглед, практикувајќи ја ортодоксната еврејска религија не претставува никаква опасност за никого. мс/са/

Остани поврзан