Ева Натена: „Жена убиец/Фониса“ не е филм за жената, ниту за мажот - тоа е филм за човекот
- Филмот „Жена убиец/Фониса“ го прикажува насилството што потекнува од жените и се прави врз жените, но и бруталните стереотипи на кои мажите биле принудувани како деца. Се обидов да создадам баланс меѓу двата пола, со оглед на тоа што во времето кога се случувало дејствието работите беа тешки и за двата пола, изјави за МИА грчката режисерка Ева Натена, чиј филм „Жена убиец/ Фониса“ ќе биде прикажан на затворањето на Фестивалот на грчки филм, на 9 април во Кинотеката во Скопје.
Скопје, 5 април 2024 (МИА) - Филмот „Жена убиец/Фониса“ го прикажува насилството што потекнува од жените и се прави врз жените, но и бруталните стереотипи на кои мажите биле принудувани како деца. Се обидов да создадам баланс меѓу двата пола, со оглед на тоа што во времето кога се случувало дејствието работите беа тешки и за двата пола, изјави за МИА грчката режисерка Ева Натена, чиј филм „Жена убиец/ Фониса“ ќе биде прикажан на затворањето на Фестивалот на грчки филм, на 9 април во Кинотеката во Скопје.
Фестивалот на грчки филм ќе се отвори во Скопје на 7-ми и ќе трае до 9-ти април, додека во Битола ќе се одржува од 8-ми до 10-ти април во кино Манаки.
Филмот „Жена убиец/Фониса“ говори за една трагична приказна, базирана на познатиот роман на Александрос Пападиамантис, прикажувајќи го начинот на кој што функционирало општеството на грчкиот остров Скопелос во 1900 година. Филмот жестоко ја отвора темата на доминација на машкиот над женскиот пол, на жената како жртва на цврсто вкоренетите традиции.
-Многу рано одлучив да не се фокусирам на насилството што доаѓаше во тоа време од мажите врз жените, (ова е познато, регистрирано и можеби подобро е прикажано на други филмови), туку да навлезам подлабоко во вистината - да зборуваме во овој филм за насилството што потекнува од жените и се прави врз жените, кои на нивните ќерки им даваат толку многу антитела против злоставување, за да можат да го издржат она што ги чекаше - веројатно насилството од мажите - што доведуваше до навистина грубо воспитување, несразмерно кај девојчињата отколку кај момчињата, посочи Натена.
Филмот, како што додава, ја опишува исто така и слабата страна на мажите. Таа страна која се двоуми и ја боли да даде одобрение со „кимање на глава“ за да умре едно новородено суштество.
-На крајот на краиштата, сиромаштијата беше вистинската причина и нивната неможност да обезбедат мираз за своите ќерки. Ова беше пресудно за женските деца. Филмот ги прикажува и бруталните стереотипи на кои мажите биле принудувани како деца. Сетете се на сцената, каде таткото го држи за врат својот мал син и го принудува повторно и повторно да пука во веќе убиеното животно - за да го „направи маж“...! Работите беа тешки и за двата пола, од различни причини во тоа време и затоа се потрудив да постои тој баланс за кој зборувате. Колку што беше возможно, но, најубавото нешто што го слушнав за филмот беше мислењето на еден важен режисер, кој ми го кажа тоа што го пожелував: „тоа не е филм за жената, ниту за мажот; тоа е филм за човекот, додава Натена.
Во филмот сите придонесуваат за трагичниот крај, а хероината нема друг избор освен да ги оправда своите постапки пред Бога, со цел да ја исчисти својата совест од направените гревови.
-Во целото тоа општествено милје, се чини дека сите придонесуваат за трагичниот крај, а хероината во таа мрачна атмосфера нема друг избор освен да се обиде да ги оправда своите постапки пред Бога со цел да ја исчисти својата совест од гревовите направени во сосема апсурдни околности и со намера да се намали трагедијата на најпогодените, со убивањето на женските деца од оние семејства кои имаа девојчиња, за кои ќе треба да се обезбеди задолжителен мираз за да бидат венчани и да имаат „нормален живот во „ропството“ наречен брак, објаснува Натена.
Режисерката Ева Натена е родена на Крит. Студирала на Атинската школа за ликовни уметности, а работела како асистент на сценографот Дионисис Фотопулос, а потоа и со театарски и филмски режисери како Коста Гаврас и Пантелис Вулгарис.
Трипати била наградувана со Државна награда за костимографија. бт/нд/