• четврток, 26 декември 2024

Дуда: Префрлањето на „Вагнеровците“ во Белорусија е лош знак за Полска

Дуда: Префрлањето на „Вагнеровците“ во Белорусија е лош знак за Полска

Варшава, 27 јуни 2023 (МИА) – Префрлањето на членовите на групата „Вагнер“ од Русија во Белорусија е негативен знак за Полска, изјави денеска полскиот претседател, Анджеј Дуда, непосредно пред да замине на средбата со другите лидери на НАТО во Холандија.

-Гледаме што се случува, префрлањето на руските сили, односно групата „Вагнер“ во Белорусија. И нивниот шеф оди таму, и сето тоа се многу негативни сигнали за нас. Ќе разговараме за нив со нашите сојузници, рече Дуда.

По договорот постигнат доцна во саботата со кој заврши бунтот, на борците на „Вагнер“ им беше дозволено да изберат меѓу три опции: да се приклучат кон редовните руски вооружени сили, да се преселат со нивниот лидер Евгениј Пригожин во Белорусија или едноставно да се вратат кај своите семејства.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска потврди дека Пригожин допатува во Белорусија и додаде дека неговиот министер за одбрана Виктор Хренин го информирал дека не би имал ништо против единица, како „Вагнер“, да дејствува во рамките на белоруската армија.

Претседателот му наложи на Хренин за оваа солуција да разговара со Пригожин.

Лукашенко додаде дека неговата земја сака да учи од военото искуство на руската платеничка група „Вагнер“.

-Доколку нивните команданти дојдат и ни помогнат... да ни кажат што е важно во моментот... тоа е непроценливо. Тоа е она што треба да го земеме од „Вагнер“, рече Лукашенко.

Белорусија не гради никакви кампови за руската платеничка група „Вагнер“, но ќе ги изгради доколку тие посакаат да ги стават некаде, пренесе денеска државна агенција БЕЛТА, цитирајќи го претседателот Лукашенко.

-Им понудивме една од напуштените воени бази. Имаме ограда, имаме сè, само поставете ги шаторите, рече Лукашенко.

БЕЛТА ја објави и неговата изјава дека не планира да отвори центри за регрутирање на „Вагнеровци“ во Белорусија. сд/

Остани поврзан