• понеделник, 23 декември 2024

Друштво „Преспа": Македонците во Албанија се горди на животот и делото на Стерјо Спасе

Друштво „Преспа

Пустец, 14 август 2024 (МИА) - Друштвото за заштита на правата на Македонците „Преспа"-Пустец по повод 110-годишнината од раѓањето на познатиот писател Стерјо Спасе, потсетува на неговиот придонес во заштитата на Националниот идентитет на Македонците.

-Македонците во Албанија се горди на животот и делото на Стерјо Спасе, затоа што беше достоен Македонец и автор на повеќе дела, вградени во албанската литература, како значаен придонес на Македонците во Албанија, објави друштвото чиј претседател е Едмонд Темелко, кој е и поранешен градоначалник на општина Пустец.

Се наведува дека Стерјо Спасе е роден во село Глобочани, на денешен ден во далечната 1914 година.

- Денеска 14 август  2024 година одбележуваме 110 години од раѓањето на големиот писател Стерјо Спасе. На денешен ден пред точно 10 години ја откривме бистата на Стерјо Спасе во родното село Глобочани, најмалку што можевме да направиме за овој голем наш Македонец,  стои во објавата.

Стерјо  е еден од најзначајните претставници во современата албанска литература и во исто време еден од најуспешните писатели во Албанија од македонско потекло.

Друштвото поопширно пишува за животот од неговото раѓање, текот на образованието, неговата просветителска дејност, делата чиј автор е тој, како и работата како книжевен критичар.

- Во 1935 година ја напишал својата најпозната книга „Зошто“ или позната под целосниот наслов „Од живот за живот - зошто“. Романот „Зошто“ е напишан во вид на дневник и се фокусира на една трагична дилема на еден млад интелектуалец во рурално место. Почина на 13 септември 1989 година во Тирана. Вечна му слава, наведува друштвото.

Додава дека талентот за пишување го наследил неговиот син Илинден Спасе, универзитетски професор во пензија. вт/дма/

Фото: Друштво „Преспа"

 

 

 

 

 

Остани поврзан