• четврток, 05 декември 2024

Друштвото на ликовни уметници Битола одбележа половина век постоење

Друштвото на ликовни уметници Битола одбележа половина век постоење

Битола, 10 ноември 2024 (МИА) - Друштвото на ликовни уметници, ДЛУБ-Битола со изложба и со доделување на награди и признанија, одбележа јубилеј 50 години постоење.

Во изложбениот салон на битолскиот Офицерски дом поставени се шеесетина дела од околу четириесет автори, активни членови, но и дела на основоположниците на Друштвото, истакна Васко Ѓоргиев, претседател на ДЛУБ.

-Јубилејот го одбележуваме со годишната и ноемвриската изложба. Историјата на ДЛУБ е дел од историјата на градот и затоа во ваква прилика заслужува секој да се споменува. Секој член кој бил дел од оваа уметничка фамилија не е само дел од ДЛУБ, туку и дел од Битола и Македонија, рече меѓудругото Ѓоргиев.

Со одлука на ДЛУБ, наградата „Борислав Траиковски“, највисоко признание востановено во чест на првиот претседател на ДЛУБ, годинава ја доби Дејан Макаријовски од Битола, автор на уметничкото дело „Распетие“ кое според членовите на комисијата, има чиста композиција, атрактивна асоцијативност, симболика и ликовен јазик кој е богат не само со колористични интервенции, туку и со динамична, стилистичка и јасна рефлективност.

-Наградата „Борислав Траиковски“ за мене е голено признание бидејќи Траиковски е првиот претседател на ДЛУБ, доајен на уметноста, голем работник во Македонија и гордост на Битола. Оваа награда е голем поттик за да продолжам со моето творештво, истакна Макаријовски.

Традиционалната „Ноемвриска награда на ДЛУБ“ годинава ја додели на уметникот Ване Костуранов од Струмица, Симона Мирчевска доби препорака за зачленување во ДЛУБ, а Општина Битола и адвокатот Никола Главинче добија благодарници за континурана поддршка на Друштвото на ликовни уметници – Битола. мт/дма/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан