Државниот јавен обвинител не може да има двојно државјанство, изгласаа пратениците на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците
- Пратениците на денешната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците го прифатија амандманот во новиот предлог-закон за Јавното обвинителство, државниот јавен обвинител да не поседува двојно државјанство. Пратеникот Сали Мурати од име на пратениците што го имаат предложено овој амандман објасни дека со него се предвидува: јавниот обвинител на Република Македонија не смее да поседува државјанство на друга држава
Скопје, 19 март 2026 (МИА) - Пратениците на денешната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците го прифатија амандманот во новиот предлог-закон за Јавното обвинителство, државниот јавен обвинител да не поседува двојно државјанство. Пратеникот Сали Мурати од име на пратениците што го имаат предложено овој амандман објасни дека со него се предвидува државниот јавен обвинител не смее да поседува државјанство на друга држава.
Целта на овој амандман е да се зајакнат интегритетот, независноста и веродостојноста на функцијата јавен обвинител како една од највисоките и најчуствителни јавни функции во правосудниот систем. За овој амандман гласаа осум пратеници, а еден беше против. Меѓу пратениците на денешната Комисија се разви дебата за овој амандман, а го прифатија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но не и пратеничката Весна Бендевска од ЗНАМ.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, рече дека овој амандман е прифатлив за нивната пратеничка група бидејќи ваква одредба да се нема двојно државјанство има и за македонските амбасадори.
Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, позитивно се изјасни и истакна дека при реформите во АНБ ваква одредба е донесена и за оваа институција.
Пратеничката Бендевска, пак, е на став дека не треба да се ограничува и треба да се води смета за граѓаните што се иселиле и се враќаат назад во својата држава.
Од страна на пратениците од десетте разгледани амандмани на предлог-законот за Јавното обвинителство прифатен беше и амандманот кој се однесува на член 22, став 2 и со него се предвидува да се избрше овој став, а се однесува на можноста јавниот обвинител, кој постапува по конкретен предмет, во случај доколку не се согласува со мислењето од стручниот колегиум, да се изземе од постапување. Двата амандмана се прифатливи и за Министерството за правда. Седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците беше прекината поради одржување седница на македонското Собрание, а работата на оваа Комисија ќе продолжи по завршувањето на пленарната седница. вдј/са/
Фото: МИА архива