• понеделник, 02 септември 2024

Државниот секретар Анчев на работен состанок на НАТО: За справување со хибридните и сајбер закани потребна е интензивна соработка

Државниот секретар Анчев на работен состанок на НАТО: За справување со хибридните и сајбер закани потребна е интензивна соработка

Скопје, 1 февруари 2023 (МИА) – Стоиме исправени пред исклучително сложени безбедносни предизвици кои ни докажаа дека безбедноста на една земја е нераскинливо поврзана со безбедноста на пошироко рамниште, порачал денеска државниот секретар во Министерството за одбрана, Владимир Анчев, на работниот состанок на групата на НАТО за напредно учење на далечина.

На состанокот се дискутирало за начините за развој на процедури и политики кои ќе овозможат ефикасно напредно учење на далечина во време кога континентот се соочува со сериозни безбедносни предизвици и отворена воена агресија.

-Имајќи ги предвид и новите неконвенционални предизвици, како хибридните и сајбер закани, ширењето на дезинформациите и новите технологии, заклучокот е дека ниту една земја не може самостојно да се справи со нив и дека е потребна силна и интензивна соработка, рекол Анчев.

Државниот секретар ја поздравил иницијативата за реализирање ваков тип експертски разговори бидејќи ваквите иницијативи имале за цел да понудат решенија за начинот како системите за напредно учење на далечина да останат функционални и ефикасни, дури и во време кога континентот се соочува со отворен воен конфликт.

Во тој контекст, Анчев изразил задоволство од активното учество на претставници на Воената академија во оваа работна група и додал дека тоа е доказ за капацитетите на Академијата и нејзината посветеност за наоѓање решенија кои ќе имаат сериозен придонес кон зацврстувањето на безбедноста и стабилноста.

На работниот состанок, освен деканот и претставниците на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, учествувале и претставници на НАТО, САД, Обединетото Кралство, Холандија, Полска, Финска, Азербејџан и Украина. свс/лв/

 

 

Остани поврзан