• среда, 25 декември 2024

Државната комисија за спречување на корупција ја одржува 96-та седница

Државната комисија за спречување на корупција ја одржува 96-та седница

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) – Државната комисија за спречување на корупција денеска ја одржува 96-та седница на која се разгледуваат повеќе предмети, меѓу кои и предметот за распределбата на ваучери од Агенцијата за млади и спорт.

Членовите на Комисијата истакнаа дека долго време биле разгледувани можни злоупотреби на ваучери од Агенцијата за млади и спорт. Посочија дека се донесени законски измени со кои се укинува ваучерот поради огромни ризици од злоупотреба, оценија дека тоа е добра одлука, но оти се уште има потреба од зајакнување на информациониот систем во Агенцијата и според него да се прават рангирања.

Комисијата разгледуваше и предмети кои се однесуваат на проблемите со дивоградбата, по што претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска оцени дека во последните две години се направени премногу дивоградби.

-Нашите ингеренции се толку, но барем го разобличивме како дивото станува питомо. Локалната самоуправа не постапува од старт, а од друга страна потребните законски измени не се носат, повеќе од две години се изнаправија толку многу дивоградби што не знам како ќе се справиме, оцени таа.

Воедно беа разгледувани и предмети кои се однесуваат на вршење на јавни функции од страна на адвокати кои не се откажуваат од адвокатската функција. Комсијата оцени дека адвокатската фела со последните законски измени се заштитила и веќе не е обврзана да се откажува од адвокатската функција.

Членот на комисијата Владимир Георгиев рече дека таков е случајот со пријава за адвокатка која извршува паралелно функција во јавно претпријатие.

-Адвокатската фела се избори за својот статус дека не треба да престанат да вршат паралелно две функции, предметите ги запираме, бидејќи е донесен закон со кој не се обврзува адвокатската функција да биде ставена во мирување, рече Ивановска.

До Комисијата пристигнала и пријава за сомневања дека простории во студентскиот дом во Охрид се издаваат за време на туристичката сезона, но членовите констатираа дека законот дозволува студентските домови надвор од учебната година да остваруваат дополнителни приходи така што ќе ги издаваат просториите.

Комисијата разгледуваше и предмет за наводни сомнежи за коруптивни дејствија од општина Струга со реконструкција и одржување на јавно осветлување, меѓутоа по добиените документи ДКСК утврди дека немало елементи за постапување. свс/дма/

Фото: Принтсктин

Остани поврзан