• вторник, 24 декември 2024

Државен архив: Ќе се дигитализира целокупното творештво на браќата Манаки

Државен архив: Ќе се дигитализира целокупното творештво на браќата Манаки
Скопје, 19 јули 2022 (МИА) - Државниот архив денеска соопшти дека во соработка со „Британската библиотека“ (British library), во наредните две години ќе го дигитализира целокупниот материјал и оставината на браќата Манаки. Проектот за соработка со „Британската библиотека” и за дигитализација на целокупното творештво на браќата Манаки, како што се посочува, веќе е потпишан од директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, а проектот ќе го води тим на Државниот архив - Одделение Битола, предводен од раководителот Гоце Стојановски. - Во Договорот, меѓу другото, се потенцира дека главна цел е комплетната дигитализација на документите и фотографиите на првите филмаџии на Балканот, Јанаки и Милтон Манаки. Материјалите се наоѓаат во Државниот архив - одделение Битола, кое главно ќе ја спроведе целосната дигитализација. Во Државниот архив имаме над 7.000 стаклени негативни плочки, над 3.000 ролни филмска лента и над 10.000 оригинални фотографии од крајот на 19-от век, па се до смртта на Милтон во 1964 година. Оваа наша збирка на фотографии и филмски материјали е една од најзначајните на Балканот, изјави директорот Крстески. рп/цр

Остани поврзан