• сабота, 23 ноември 2024

Дрес на Коби Брајант проценет на пет до седум милиони долари оди на аукција

Дрес на Коби Брајант проценет на пет до седум милиони долари оди на аукција

Лос Анџелес, 13 јануари 2023 (МИА) - Аукционерската куќа „Сотби'с“ во февруари ќе стави на наддавање дрес на американската кошаркарската легенда Коби Брајант, кој загина во хеликоптерска несреќа во 2020 година. Првичните проценки говорат за пет до седум милиони долари, а овој пазар привлекува богати колекционери и инвеститори од целиот свет, па неретко се постигнуваат и рекорди на аукциите.

Жолто-виолетовиот дрес со број 24 на Коби Брајант е понуден на продажба од сопственикот кој претпочита да остане анонимен. Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс го носеше тој дрес на 25 натпревари во годината кога беше прогласен за најдобар играч во регуларниот дел од сезоната 2007/2008, соопшти „Сотби'с“.

Во мај 2022 година, дресот што го носеше аргентинскиот фудбалер Диего Марадона на Светското првенство во 1986. беше продаден за 9,3 милиони долари. Во септември лани, за 10,1 милиони долари беше купен дрес со бројот 23 што го носеше кошаркарот на Чикаго булс, Мајкл Џордан, во 1998 година.

- Во текот на целата сезона тој го носеше дресот 25 пати и постигна 645 поени во неа, изјави Брам Вахтер од „Сотби'с“.

Дресот ќе биде изложен во Њујорк од 1 февруари, а е дел од големото интернет-наддавање на предмети од светот на спортот што ќе се одржи од 2 до 9 февруари.  си/

Остани поврзан