• понеделник, 23 декември 2024

ДПА: Германската Влада го проширува ограничувањето за носење ножеви по нападот во Солинген

ДПА: Германската Влада го проширува ограничувањето за носење ножеви по нападот во Солинген

Берлин, 29 август 2024 (МИА) - Германската Влада се согласи да ги заостри ограничувањата за оружје, да го ограничи нерегуларното мигрирање и да преземе други мерки за борба против заканата од исламски тероризам по смртоносниот напад со нож кој се случи за време на викендот во западниот град Солинген, дознава германската агенција ДПА од владини извори.

Сегашната забрана за носење ножеви на јавни места ќе биде проширена, а социјалните бенефиции за некои азиланти кои првично се регистрирале во други земји од ЕУ ќе бидат намалени, соопшти попладнево министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер.

Напаѓач со нож уби три лица и повреди осум други во петокот навечер на фестивал на плоштад во Солинген, град во западна Германија, лоциран источно од Диселдорф.

Осомничениот напаѓач, 26-годишен сириски државјанин, идентификуван од властите како Иса Ал Х, требаше да биде депортиран од Германија во Бугарија минатата година, но сепак останал во земјата.

Терористичката група Исламска држава презеде одговорност за нападот, што сè уште е под истрага од германските власти.

Присуството на осомничениот во Германија и покрај наредбата за депортација предизвика интензивна дебата во земјата за миграционата и азилантската политика.

Ова исто така го обнови фокусот на правилата на ЕУ кои би требало да овозможат на земји како Германија да ги враќаат мигрантите во првата земја од ЕУ каде што пристигнале. ссм/

фото: архива

Остани поврзан