До крајот на месецов треба да заврши санацијата на пругата меѓу Лисиче и Драчево
- Екипи на ЈП Македонски железници инфраструктура веќе 51 ден работат на санација на насипот на пругата кај Маркова Река, каде на 2 април годинава поради поројниот дожд и дотечената Маркова Река беше однесен дел од насипот, каде е поставена железничката пруга, на делницата помеѓу станиците Лисиче и Драчево.
Велес, 23 мај 2025 (МИА) - Екипи на ЈП Македонски железници инфраструктура веќе 51 ден работат на санација на насипот на пругата кај Маркова Река, каде на 2 април годинава поради поројниот дожд и дотечената Маркова Река беше однесен дел од насипот, каде е поставена железничката пруга, на делницата помеѓу станиците Лисиче и Драчево.
Поради тоа возововите на релација Велес - Скопје и обратно веќе 51 ден не возат на оваа делница туку кон станицата Трубарево поради што патувањето од Велес и Скопје и обратно место вообичаените 45 минути е двојно зголемено, до два часа и повеќе. Поради оваа состојба до ЈП Македонски железници инфраструктура секојдневно се жалат патници, а посебно учениците и вработените од Велес со месечни карти, кои не можат на време да стигнат на работа и факултет во Скопје. Патниците, како што велат, биле принудени и возот го заменија со патување со автобус или друг превоз. На доцнењето на возовите поради предолгата санација секојдневно се жалеа и патниците од Прилеп, Битола и Гевгелија кои редовно или повремено патуваат со воз.
Од ЈП МЖ инфраструктура информираат дека работите на насипот беа повеќепати стопирани поради обилните дождови изминатите недели, но додаваат дека сега се продолжени и треба да завршат најдоцна до крајот на мај и од почетокот на јуни возовите повторно да сообраќаат на делницата Драчево - Лисиче, со што ќе се намали времето на патување меѓу Велес и Скопје и обратно.
Тие првично најавија дека до денеска треба да се санира долниот строј, а вработените во Лабораторија надлежна за проверка на стисливоста на долниот строј дека денеска треба да изврши контрола. Попладнево од ЈП МЖ инфраструктура информираа дека работите се уште не се завршени, се пролонгирани и за овој викенд и треба да завршат до идната недела. Потоа треба да почнат работите за санирање на горниот строј, односно поставување шини, прагови и толчаник.
Од ЈП МЖ инфраструктура повторно потенцираа дека најдоцна до крајот на месецов работите целосно ќе бидат завршени, по што возовите повторно ќе сообраќајат и помеѓу станиците Драчево и Лисиче. ад/мд/
Фото: МИА