• среда, 27 ноември 2024

Дојче Бан нарача супербрзи возови за две милијарди евра

Дојче Бан нарача супербрзи возови за две милијарди евра

Берлин, 17 мај 2023 (МИА) - Германската државна железничка компанија Дојче Бан денеска соопшти дека нарачала 73 нови супербрзи возови ICE, во вредност од две милијарди евра.

Нарачката вклучува 56 возови од типот ICE L кои ќе ги испорача шпанскиот производител Талго, а првично ќе сообраќаат на линијата меѓу Берлин и Амстердам, со максимална брзина од 230 километри на час.

Нарачани се 17 возови ICE 3neo, кои можат да достигнат брзина до 300 километри на час и веќе ги поврзуваат големите германски градови, како Берлин и Минхен. ICE 3neo е произведен од Siemens Mobility.

Дојче бан го претстави ICE L на Talgo на јавноста во септември минатата година, кога нарача 23 возови со датум на испорака до октомври 2024 година.

Новонарачаните 56 возови треба да бидат пуштени во употреба во 2026 година, информира Дојче бан, додавајќи дека сите возови ICE L треба да бидат испорачани до 2030 година.

Благодарение на најновата нарачка, просечната старост на флотата на супербрзи возови треба да се намали од сегашните 18 на 12 години до 2030 година.

- Дојче бан ќе биде суштински подмладен во наредните години, изјави директорот за меѓуградски транспорт Мајкл Петерсон. - Почнувајќи од оваа година, ќе добиваме во просек по три нови ICE возови месечно, додаде Петерсон.

фото: МИА архива

Остани поврзан