• вторник, 24 декември 2024

Дојче банк во првиот квартал оствари добивка од 1,85 милијарди евра

Дојче банк во првиот квартал оствари добивка од 1,85 милијарди евра

Берлин, 27 април 2023 (МИА) - Дојче банк, најголемата германска банка, во првиот квартал оствари добивка пред оданочување од 1,85 милијарди евра, што е за 12 отсто повеќе во однос на истиот период лани и e 11-ти квартал по ред кога остварува добивка.

Истовремено, ова е највисока квартална добивка на банката од 2013 година. Од банката денеска соопштија дека сакаат да остварат уште поголема добивка, па ќе бараат начини за дополнително намалување на трошоците.

Дојче банк на тој начин објави дека планира да спроведе „намалување на работната сила кај персоналот што не работи со клиенти“ и дека Банката е „фокусирана и на намалувања меѓу раководителите“. Исто така, планира да ги рационализира финансиските операции во градежниот сектор и дополнително да го намали својот технолошки центар во Русија.

Главниот извршен директор на ДБ, Кристијан Севинг, изјави дека банката „е на добар пат да ги исполни или надмине целите за 2025 година“ и рече дека во тек се подготовки за натамошен откуп на акции на крајот на оваа година.

Приходите на банката во тој период достигнаа 7,7 милијарди евра, што е зголемување од 7,33 милијарди евра во првиот квартал од 2022 година.

Нето добивката што им се припишува на акционерите се зголеми во првиот квартал за девет отсто на годишна основа, на 1,16 милијарди евра, додека заработката по акција изнесува 0,61 евро наспроти 0,55 евра во ланскиот прв квартал.

Инаку, минатата година Дојче банк го постигна најдобриот годишен резултат од 2007 година. Во летото 2019 година, Севинг, кој во тоа време беше на позицијата извршен директор нешто повеќе од една година, темелно го преориентира работењето на банкарската групација, ги намали активностите на инвестициското банкарство, го заврши глобалното тргување со акции и продолжи со интеграцијата на Германска Поштенска банка во својот бизнис со граѓаните. ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан