• сабота, 28 декември 2024

Достојно за „Достојно ест“ во Бигорски

Достојно за „Достојно ест“ во Бигорски
Дебар, 24 јуни 2021 (МИА) - Свештената бигорска Обител традиционално и годинава го одбележа празникот на Пресвета Богородица во чест на нејзината икона „Достојно ест“, која во овој божји храм пристигна кусо по пожарот на 30 септември 2009 година, кога пламените јазици целосно го пеплосаа Горни Палат. - Бигорскиот собир се закити со копијата од оваа прекрасна икона уште во 2009 година, како една слатка утеха после страшното огнено искушение врз Обителта. Со тоа Богомајката им покажа на своите чеда монаси, дека е тука со нив и во најтешките мигови, за мајчински да ги поткрепи и да им вдахне нови сили за духовна борба. А благодарното монашко срце непрестајно ја искажува својата верност и благодарност, плетејќи сеноќни славословија во чест на Царицата и на нејзината икона „Достојно Ест“. Така и сега неизмерната синовска љубов ги собра сите во Бигорското светилиште на уште една духовна средба со Мајката на животот, во чиишто прегратки сите таги и неволи исчезнуваат, изјави за МИА, отец Кирил. Додава дека денес за Неа најтопло проговорил „оној кој сиот свој живот ѝ го доверил и со љубов му служи верно на нејзиниот син и на неговата невеста, црквата - нашиот Старец и Епископ г. Партениј. - И нашата Света Обител од пред дванаесетина години е удостоена со верна изобразба на светогорската чудотворна икона „Достојно ест“. Многупати сум кажал, а и сега ќе повторам, дека оваа икона дојде во Манастирот како благодатна посета од Мајката Божја, како најголема утеха веднаш после пожарот. Впрочем, требаше да стаса многу порано, но ете, по промисла на Богородица, се случуваше сè некакво одолговлекување, за на крај да дојде како утешителна роса и како прва радост после тагата од големото искушение за Манастирот. Дојде преку својата икона, за да ни каже дека е со нас, дека нема да нè остави, дека е посебна заштитница на монашкиот род, рече во својата беседа г.Партениј. Порача дека преку своите свети икони мајката Божја е благодатно присутна меѓу нас и верниците тоа го чувствуваат, бидејќи секогаш кога ние искрено ѝ се молиме, таа притекнува на помош. - Помага на сите и на секого, оти е Мајка на сиот човечки род, украс и убавина на човештвото, порача г. Партениј. Според црковниот календар и преданијата на црквата на 24 јуни се празнува иконата „Достојно ест“ заради чудото кое се случило пред неа во времето на патријархот Никола Хрисоверг (983-996). вт/цр

Остани поврзан