• среда, 27 ноември 2024

Доставен нов закон за ЈО заради техничко усогласување, новата седница закажана за 22 часот

Доставен нов закон за ЈО заради техничко усогласување, новата седница закажана за 22 часот
Скопје, 10 февруари 2020 (МИА) - Собраниската 134. седница на која требаше да се утврди потребата од донесување на законот за Јавното обвинителство по скратена постапка почна со задоцнување од околу четири часа, но за кратко време заврши бидејќи предлог текстот на законот за Јавно обвинителство бил повлечен од страна на Владата и доставен изменет предлог закон. Новата 135. седница на која ќе се расправа за новиот текст на законот е закажана за 22 часот. - Ве известувам дека Владата го повлече предлогот за законот за ЈО. Владата го повлече и предлог законот за Советот на јавните обвинители. Бидејќи Владата ги повлече овие предлози, констатирам дека 134. седница е завршена. Продолжуваме со 135. седница во 22 часот, информира претседателот на Собранито Талат Џафери. На почетокот на седницата реагираше координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски со барање за еден час пауза бидејќи, како што рече, ги немаат видено новите предлог законски решенија што ги доставила Владата. -  Пред само неколку минути добивме предлог повлекување на законот за ЈО  и законот за изменување и дополнување на законот за советот на јавни обвинители. Истите овие дописи немаат потпис од претседателот на Владата и доставени се нови предлог закони со одредени измени. Од информациите што ги имаме, а вие како медиуми можеме полесно да ги добиеме затоа што денеска опозицијата беше под целосна изолација, точка за повлекување на законите не била утврдена на дневниот ред на Владата, рече Мицевски. Тој повика да не се носи закон со одложена примена по скратена постапка притоа игнорирајќи ги забелешките од опозицијата, пратеничките групи и експертите. Вечерва, Владата преку соопштение информираше дека законот бил разгледан на вчерашната седница, но оти се направени технички грешки поради што законот бил повлечен и по направените исправки повторно вратен во собраниска процедура. - Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница ги разгледуваше Предлог-законите за јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители. Во текот на седницата беа изнесени сугестии од министерката за финансии, Нина Ангеловска, од Секретаријатот за законодавство и од вице-премиерот Бујар Османи. Во Предлог-законот за јавно обвинителство беа внесени корекции кои се однесуваа на финансирањето на Јавното обвинителство и усогласување на стапувањето во сила со примената на законот. Владата донесе заклучок Предлог-законот за јавното обвинителство со тие дополнувања да биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија. За жал, во текстот кој што е пратен беа направени ситни технички грешки кои се однесуваа токму на корекциите кои беа усогласени на седница на Владата и од тие причини испратениот текст на Предлог-законот за јавното обвинителство е повлечен. Владата по направените исправки повторно го достави до Собранието на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението. Министерството за правда претходно информираше дека законите биле повлечени заради техничко усогласување во две одредби и оти повторно се пуштени во собраниска процедура. И од СДСМ брифираа дека воопшто не е загрозена политичката согласност околу содржината на Законот за јавно обвинителство. - Денеска се работеше на технички усогласувања околу времето на стапување на сила и времето на почеток на примена на законот, а имајќи ги предвид неопходните подготовки што институциите мора да ги спроведат за да истиот може да почне да се применува, информираа од СДСМ. бак/

Остани поврзан