• сабота, 23 ноември 2024

Досега 70 лица дарувале крв во акцијата во ДомоАРМ по повод празникот „Успение на Пресвета Богородица“

Досега 70 лица дарувале крв во акцијата во ДомоАРМ по повод празникот  „Успение на Пресвета Богородица“

Скопје, 28 август 2023 (МИА) - По повод празникот „Успение на Пресвета Богородица“, одржуваме традиционална крводарителска акција секоја година на 28 август во просториите на Дом на АРМ. Досега акцијата се одвива успешно, имаме околу 70 крводарители. Акцијата е отворена до 17 часот и веруваме дека тој број ќе биде значително поголем, истакна во изјава за МИА, специјалист доктор Ефтим Димитровски од Институт за трансфузиона медицина во Скопје.

Тој додаде дека има и нови крводарители кои првпат даруваат крв и се вклучуваат во крводарителското семејство.

- Оваа акција е од големо значење затоа што се одржува во летниот период каде што количините на залиха со крв се помали во однос на останатиот дел од годината и затоа сме благодарни на сите тие коишто на овие топли летни денови доаѓаат и ја подаруваат нивната благородна течност, крвта, и со тоа им помагаат на тие што им е потребно во моментов, рече Димитровски.

Исто така, информираше дека обично повеќе даруваат луѓето во средна возраст, најзастапена возраст моментално е од 30 до 50 години, додека во однос на другите возрасти има голем интерес и кај помладите лица.

За сите тие што сакаат да дадат крв а не слушнале за оваа акција рече дека можат да одат кај Домот на АРМ до 17 часот и да се приклучат во крводарителното семејство, но подвлече дека треба да се добро хидрирани пред да даруваат крв и да јадат нешто полесно.

Оваа крводарителна акција се одржува традиционално за празникот „Успение на Пресвета Богородица“ и се организира од страна на Црвениот крст, Општинска организација Центар и Институтот за трансфузиона медицина.

Акцијата започна во 2003 година со 146 дарувања, а денеска се зборува за бројка од 4391 единици крв, или во просек 220 крводарители по акција. сх/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан