• среда, 25 декември 2024

Дополнителни 15 дена за апликации за набавка на системи за наводнување, за инвестиции во бунари и зафати на површински води

Дополнителни 15 дена за апликации за набавка на системи за наводнување, за инвестиции во бунари и зафати на површински води
Скопје, 27 јануари 2022 (МИА) - За 15 дена се продолжува рокот за поднесување апликации за набавка на системи за наводнување, за инвестиции во бунари и зафати на површинска вода, информира Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР). Новиот краен рок за аплицирање е 11.2.2022 година (петок). - Новиот рок е на барање на заинтересираните апликанти. Агенцијата им излезе во пресрет со нов рок, се со цел да можат да ги приберат сите потребни пропратни документи кои се бараат на овој јавен повик, велат од АФПЗРР. Како што информира директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски, право за добивање на оваа поддршка имаат сите земјоделци кои се евидентирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства. - Сите заинтересирани барањата може да ги поднесат електронски на e–baranje.ipardpa.gov.mk. Максималната сума која може да ја земе поединечно секое земјоделско стопанство за систем за наводнување е до 1.800.000 денари, додека финансиската поддршка за инвестиции во бунари или зафати за површинска вода е до 364 илјади денари по корисник, посочи Бачовски. Со овие средства, може да се набават подземни и надземни системи за наводнување капка по капка, набавка на приклучна опрема ( филтри, пумпи, цевки и спојни елементи), опрема за електрична инсталација за снабдување со струја вклучително и енергетска ефикасност, агрегати или генератори и придружна инсталациска опрема, софтвери за управување и контрола на системот за наводнување, градежни зафати за бунари, изработка на студии и елаборати. Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина 50 до 70 отсто од вредноста на одобрените и прифатливи трошоци за инвестиции. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања за различни мерки од Програмата за рурален развој. Барателите не смеат да почнат со реализација на инвестицијата пред да потпишат договор со АФПЗРР. Новиот краен рок за доставување на е-барања е 11 февруари 2022 година, а од АФПЗРР истакнуваат дека  нема да бидат разгледувани барањата кои не се поднесени електронски. вј/лв/

Остани поврзан